Сценографот Крсте Џидров-Џиби на Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје донираше серија концептуални дела од циклусот „Белешки“ на уметникот Симон Узуновски, негов близок пријател кој почина во 2018 на 69 години.
„Симе беше еден од моите најдобри другари. Пријателувавме уште од крајот на 1970-те години, од кога и датираат овие негови дела, кои за првпат беа изложени во галеријата ‘Кора’. Тој постојано се селеше и поради тие селидби ги остави кај мене, со цел да ги заштитам за да не ги оштети при транспорт. Не можам да кажам дека се во моја приватна сопственост, туку беа во долгогодишна привремена сопственост кај мене. По неговата смрт, овие 4 дела ги подарив на МСУ со цел да ја дополнам колекцијата на оваа институција со уште дела од Узуновски, која пак трајно ќе ги заштити“, вели Џидров.
Неговата донација ја збогатува колекцијата на дела на Узуновски во МСУ, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што е „Tркалајката“, „Човек и птица“, осум колажи од циклусот Ливада и објектот Преспа.
Појавата на Симон Узуновски на македонската ликовна сцена во половината на 1970-те години започнува со работата на слики во традицијата на апстрактниот експресионизам, по што набрзо следи неговиот интерес за концептуалистичките практики на темелно преиспитување на традиционалните сликарски и скулпторски медиуми.
„Започнувајќи ги своите истражувања со серија објекти изработени со леплива лента (Тркалајки, Марија, Преспа), по кои настануваат бројните апликации со селотејп на стакло и хартија, Узуновски ги реализира неговите познати просторни инсталаци во аулата на Филозофскиот факултет и во Дом на младите ’25 Mај’ во Скопје, кои ја означуваат за првпат во македонската уметност појавата на сајт-специфик инсталациите. Узуновски преку овој опус воспоставува релации во најширока смисла со поставангардните движења од средината на 1970-те години, со кои беа пробиени конвенционалните јазични бариери во уметничкиот израз“, велат од МСУ.
Б. НЕСТОРОСКА