Невообичаена атмосфера владееше синоќа на Широк Сокак во Битола. Амбиенталната улица позната по бројните локали остана празна. Кафетериите, пицериите и рестораните ја почитуваа забраната за работа после 18 часот, што вчера ја донесе Владата како мерка за да се спречи ширење на коронавирусот.
Околу триесетина кафе-барови и други угостителски објекти лоцирани на Широк Сокак и околните улички, како и казината, вечерта ставија клуч на вратите и останаа празни. Контрола направи и Пазарната инспекција од Битола. Корзото кое секоја вечер врие од луѓе, вчера имаше само по некој минувач.
Џагор се слушаше само од Градскиот парк каде беа собрани по неколку машки друштва, претежно средношколци.
Од Општина Битола велат дека од денес, превозниците кои вршат општински линиски превоз на патници ќе сообраќаат на линиите кои ги одржуваат до 17 часот. Дел од компаниите кои вршат јавен превоз на патници на социјалните мрежи објавија фотографии како вршат дезинфекција на превозните средства. Општина Битола побара сите возачи во авто-такси компании да возат со заштитни маски и ракавици и секој ден да ги дезинфицираат возилата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА