Земјотресот што вчера ја погоди централна Италија уби најмалку 159 луѓе, соопшти Агенцијата за цивилна заштита, зголемувајќи ја претходната бројка до 124. Потрагата по преживеани продолжи и во текот на ноќта и нема да забави, кажа шефот на Агенцијата, Фабрицио Чурчо.
Матео Ренци, италијанскиот премиер, претходно кажа дека најмалку 120 луѓе загинаа од земјотресот. Над 350 луѓе се повредени, а барем 1.500 останаа без домови.
„Ова не е конечниот биланс“, кажа Ренци по посетата на спасувачите, кои се најдоа во очајна трка со времето во обидот да извлечат преживеани од рушевините.
Ренци им се заблагодари на спасувачите за напорите и рече дека „во моменти на неволја, Италија знае како да се справи. Ниту една фамилија, ниту еден град, ниту едно село нема да бидат оставени сами“.
Земјотресот со јачина од 6,2 степени, кој ги извади жителите на погодените подрачја надвор од нивните домови на улиците, е најсмртоносниот во Италија од оној во 2009 година во истата област. Плиткиот земјотрес, кој се случи во 3.36 часот вчера наутро беше почувствуван речиси низ цела Италија, вклучувајќи го и главниот град Рим.
Најмалку 86 од загинатите се од историското гратче Аматриче, каде градоначалникот кажа дека три четвртини од градот се уништени, и од блиското Акумоли. Во селото Пескара дел Тронто имаше аплаузи кога едно осумгодишно девојче беше извадено од рушевини откако беше затрупано 17 часа.
Најтешко погодени од земјотресот се гратчиња и села во планинската област, каде се среќаваат регионите Умбрија, Лацио и Ле Марче.