ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ БЕЗ СИМПТОМИ ГО ШИРАТ ВИРУСОТ, ЕПИДЕМИОЛОГОТ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ПРЕДЛАГА ПОЛИЦИСКИ ЧАС АКО НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА

    ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ БЕЗ СИМПТОМИ ГО ШИРАТ ВИРУСОТ, ЕПИДЕМИОЛОГОТ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ПРЕДЛАГА ПОЛИЦИСКИ ЧАС АКО НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТАНема држава која ќе толерира неодговорно, индолентно, па дури и деструктивно поведение на своите граѓани“ - епидемиологот Драган Даниловски - (Фото: Телма амбуланта/принтскрин)

    Професорот по епидемиологија и поранешен министер за здравство д-р Драган Даниловски вели дека ако не даваат ефект досегашните мерки на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот кои што се потпираа во голем дел на препораки, односно на совеста на граѓаните, логично мора да следи фаза на примена на најрадикални мерки на принуда, со херметичко затворање на државата, па и со полициски час.

    „Нема држава која ќе толерира неодговорно, индолентно, па дури и деструктивно поведение на своите граѓани“, вели епидемиологот.

    Во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Даниловски се повика на една ретроспективна студија, спроведена на 366 хоспитализирани деца од околината на Вухан, Кина. Тој вели дека според таа студија коронавирусот подолго време подмолно се распространувал низ популацијата, користејќи ги токму децата и младината, кои немаат воопшто или имаат лесни симптоми.

    „Тие се најдинамичниот дел од популацијата, со најмногу социјални контакти. Тоа овозможува максимални шанси за воспоставување на синџир на инфекција. Со тоа се овозможува експоненцијален раст на бројот на инфекции, без можност да бидат детектирани, број кој се удвојува периодично, на одреден број денови“, вели Даниловски и додава:

    „Со многу висока веројатност може да се тврди дека огромна пропорција на инфекции се случени благодарејќи на расејување на вирусот преку асимптоматските сејачи на вирусот. А нив најмногу ги има меѓу децата и младите. А токму тие се покажаа најнедисциплинирани во почитувањето на мерките за спречување на епидемијата“.

    Даниловски вели дека затворањето на училиштата и факултетите не вроди со плод, затоа што младите веднаш ги наполнија кафулињата и дискотеките, создавајќи услови за воспоставување на безброј синџири на инфекции.

    „Тоа се невидливи инфекции чиј што број расте експоненцијално како снежна лавина. Така настанува епидемиското ширење, кое сè повеќе се интензивира. Ние тоа го нарекуваме епидемиска амплификација“, вели професорот Даниловски и нагласува дека во тие синџири сигурно може да се случи да се врзат и мајките, татковците, бабите и дедовците, кои, пак, со висока веројатност ќе добијат тешка клиничка слика на болеста, некои од нив и многу тешка, а некои и ќе умрат, непотребно.

    Сепак, вели тој, не се само младите и децата потенцијални сејачи, туку и сите други граѓани кои се наоѓаат во периодот на инкубација или се асимптоматски случаи, а кои исто така немаат чувство на одговорност и совест, игноирајќи ги мерките пропишани од Владата.

    „Со вакво поведение на дел од граѓаните епидемиолошките ризици се речиси исти, како и воопшто да не би биле распишани било какви мерки. Тоа значи дека вирусот непречено ќе се шири и епидемијата ќе добива на интензитет, како снежна топка што станува лавина“, вели Даниловски и предупредува дека тоа неизбежно ќе доведе до надминување на капацитетот на здравствениот систем и луѓе ќе умираат зашто нема да може да им се укаже помош.

    „Ако досегашните мерки, кои се потпираа, во голем дел, на препораки, односно на свеста на граѓаните, не произведуваат ефект во смисла на редукција на контактите меѓу граѓаните со седење дома, логично мора да следи фаза на примена на најрадикални мерки на принуда. Дури и со херметичко затворање на државата. Па и полициски час. Државата мора да преземе такви мерки и тие ќе бдиат сосема легитимни“, вели тој.

    Во земјава до сега има регистрирано 18 лица заразени од коронавирус, од кои 13 се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје, а петмина се во болницата во Дебар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира