Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не се тестираат наеднаш многу граѓани, конкретно за жителите на Дебар, од каде има 25 лица заразени со коронавирус, од вкупно 31 во државава, затоа што тестот може да биде лажно негативен.
„Многу е важно да помине периодот на инкубација, и затоа таа изолација, карантин трае 14 дена. Затоа што ако во меѓувреме се направи тестот кој технички не е предизвик да се направи, може да биде лажно негативен. Тоа значи дека човек може да се охрабри, да не ја почитува мерката за самоизолација и после само ден или два веќе да покаже знаци за болест“, вели Филипче.
Токму затоа, вели тој, карантинот, самоизолацијата трае 14 денови и после тоа се тестираат лицата, како што впрочем се тестираа и сопатниците на првата заболена пациентка, која од вчера е пуштена дома. Тие се тестираа после 14 дена откако не развија симптоми. „Ние за секој случај ги тестиравме и тестовите беа негативни“, додаде тој.
Филипче кажа дека се планира пошироко тестирање, сега се прават анализи на луѓето кои треба да подлегнат на овие тестови и тоа во регионот на Струга, во повеќе места како Октиси и Лабуништа. Здравствените власти имаат сознанија дека лица од овие места имале интенизвна комуникација со Дебар пред да бидат воведени мерките за изолација на Дебар и Центар Жупа.
Од регионите во Дебар и Центар Жупа може да излезат само луѓето за кои е индицирано болничко лекување и тоа со специјална дозвола од болницата во Дебар.
„Денес се правеа анализи од епидемиолозите од Охрид и Струга и врз основа на тоа ќе видиме и ќе направиме анализа на луѓето за кои ќе поставиме поширока епидемиолошка индикација. Постојат светски искуства за тоа, не секоја земја го направила тоа и ќе видиме што ќе покажат податоците. Доколку постои бројка на луѓе која е блиску до периодот од 14 дена на потенцијален контакт, потеницијален ризичен или потенцијален заболен пациент, тогаш тоа ќе се направи на таа група на луѓе“, рече министерот.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Теодрос Адханом Гебрејесус вчера изјави дека најефикасниот начин за спречување на инфекции и спасување животи е прекинување на синџирите за пренесување.
СЗО препорачува тестирање контакти со потврдени случаи само доколку тие покажат симптоми на КОВИД–19.
„За да го направите тоа, мора да тестирате и изолирате. Не можете да гаснете оган со затворени очи. И не можеме да ја спречиме оваа пандемија ако не знаеме кој е заразен. Имаме едноставна порака за сите земји: тестирај, тестирај, тестирај. Тестирајте го секој сомнителен случај.
СЗО испорача скоро 1,5 милиони тестови во 120 земји. Работиме со компаниите за да ја зголемиме достапноста на тестовите за оние кои имаат најмногу потреба“, рече директорот на СЗО.
Б. НЕСТОРОСКА