До први октомври стопирана е легализацијата на дивоградбите во Охрид. Советот на Општина Охрид денеска донесе нова одлука со која привремено се стопира легализирање на нелегално изградени објекти. Со оваа нова одлука се решава проблемот кој настана на 12 март кога советниците не го прифатија предлогот на градоначалникот Константин Георгиески за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, со што делумно ќе продолжеше мораториумот на донесување и спроведување на урбанистички планови, донесен лани во август.
На денешната седница советниците ја усвоија Предлог-одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко-плански документаци како и за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. За предложената одлука гласаа 17 советници колку и што беа присутни во салата. Нејзината важност е заклучно со 1 октомври 2020 година.
Мораториумот на донесување и спроведување на урбанистички планови беше донесен по препорака на Владата додека да се донесе Планот за управување со природното и културно наследство. Мораториумот во Охрид беше со важност од шест месеци и истече во февруари, а Владата го донесе Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029) на 21 јануари. Со владиниот план се обезбедува имплементација на сите препораки на УНЕСКО.
Д. ЧУБРИЌ