Италија го имаше најсмртносниот ден од појавата од коронавирусот откако во последните 24 часа починале 475 луѓе, од кои 319 во северниот регион Ломбардија. Ова е првпат да има повеќе од 400 починати во еден ден, а досегашниот црн рекорд беа 368 мртви пред три дена.
Вкупната бројка починати во Италија порасна на 2.978.
Специјалниот комесар Анџело Борели денеска извести дека во земјата досега има 35.713 случаи на коронавирус, од кои 4.207 се нови. Меѓу заразените има и 2.629 здравствени работници.
„Размислуваме да забраниме секаков вид на надворешна активност“, изјави министерот за спорт Винченцо Спадафора.
„За жал, бројката на новозаразени не опаѓа, туку останува висока. За многу кратко време нема да бидеме во можност да им помогнеме на оние кои ќе се разболат. Ве молам, останете дома“, изјави гувернерот на Ломбардија, Атилио Фонтана.
Во Велика Британија починаа уште 32 луѓе, со што вкупната бројка порасна на 104, по што премиерот Борис Џонсон донесе одлука за затворање на сите училишта, додека во Шпанија, втората најпогодена земја во Европа, сега има 13.716 заразени и 558 починати, 67 повеќе во однос на вчера.