Компанијата ЕАМ од Штип, уште пред да се појави првиот случај со коронавирус во овој град, во соработка со Општината Штип почна да шие заштитни маски и ги донира за потребите на градот. За неколку дена ЕАМ произведе и донираше 20.000 заштитни маски.
„Маските се од највисок квалитет, памучни, материјал набавен од ЕУ и изработен по сите стандарди. Со оглед на ситуацијата, работата со ЕУ во стандардната конфекција драстично се намали, па ние одлучивме да произведеме и донираме заштитн маски. Во соработка со Општината тие се дадени на државните институции. Но, претходно обезбедивме заштитни маски и комплетна дезинфекција за нашите вработени“, вели сопственикот на ЕАМ Аце Патриклиски.
Овој пример веднаш го прифатија и неколку други текстилни компаниии од Штип. Така, од завчера заштитни маски се шијат и во конфекциите „Вабо“, „Албатрос“, „Дик Фагус“, кои досега изработиле од 2.000 до 5.000 заштитни маски кои се наменети за вработените, но и за мобилните екипи на полицијата, пожарникарите, лекарите и другите работници од институциите на државата.
И конфекцијата ЕДТКО од Тетово започна со шиење на заштитни маски што ќе се делат бесплатно бидејќи, како што рекоа од фабриката, нивната цел не е од ова да заработат туку сакаат да бидат општествено одговорна фирма.
„Бидејќи видовме дека кај нас има недостаток од заштитни маски, решивме колку што може да помогнеме за да се ублажи овој недостаток. Ние деновиве сошивме една поголема количина заштитни маски кои се наменети за Чешка, па решивме да изработиме заштитни маски и за Македонија. Имаме доволна метража памучна ткаенина, па ангажиравме две работнички кои деновиве ќе работат само на изработка на заштитните маски. Маските се од чист памук и сега изработуваме два вида, едниот е правен по чешки шаблон, а вториот е по германски шаблон. Сите заштитни маски кои ќе ги направиме во наредниве денови ќе им ги дадеме на тетвоци бесплатно“, изјави управителката на „ЕДТКО фешн“ Ленче Николовска.
Првата количина заштитни маски од околу 500 парчиња се очекува да биде готова до вторник или среда, кога ќе им бидат подарени на пензионерите, на некои помали фирми или здруженија и на другите жители на Тетово.
Т. ЈОВАНОВСКИ – З. АНДОНОВ