ИСКРШЕН ПАРКОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГЕВГЕЛИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС

    ИСКРШЕН ПАРКОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГЕВГЕЛИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАСПолициската станица од Гевгелија го истражува демилирањето, велат од СВР Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Откорнати садници и цвеќиња од жардиниери, демолирани садови за декоративни растенија, уништени палми, расфрлени клупи, беше сликата утрово во Гевгелија откако ноќеска за време на полицискиот час непознати лица кршеле урбана опрема во сопственост на Општината и на приватни угостителски објекти. Станува збор за демолирана опрема во центарот на градот, но и пред судот и општинската зграда во Гевгелија.

    „Ова е невиден срам.  Полицијата под итно да ги пронајде сторителите и да ги казни. Во централното градско подрачје каде се сместени витални институции сигурно има камери кои регистрирале што се случувало. Очигледно дека не станува збор за една личност, туку повеќе лица бидејки има превртувано и жардиниери, кои се доста тешки. Бараме санкции за тие што не го почитувале полицискиот час и демолирале сè што им дошло на рака“, коментираа гевгеличани кои беа згрозени од утринската глетка и фотографиите што ги објави гевгелиското јавно претпријатие Комуналец.

    Полицијата потврди дека утрово имало пријава за демолирана опрема во централното градско подрачје во Гевгелија и работат на откривање на сторителите.

    „Утрово од страна на директорот на ЈП Комуналец од Гевгелија е пријавено дека ноќта од страна на непознато лице оштетени се клупите и садниците на градскиот плоштад, со тоа што се откорната од жардиниери и фрлени на земја. Полициската станица од Гевгелија работи на расветлување на настанот“, рекоа од СВР Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира