Среде пандемијата на коронавирусот како што редовно треба да ги миеме рацете и да ги чистиме површините во домот, така е неопходно да се врши и дезинфекција на нашето возило.
Средствата за дезинфекција на домот се сосема доволни за тоа. Користете алкохолни марамчиња или вода, крпа и обичен сапун за чистење на цврстите пластични делови на кабината. Откако ќе завршите со внатрешноста, не заборавајте да ги исчистите надворешните рачки на вратите. За да не заборавите некој дел, додека чистите размислувајте каде би можеле да завршат капките кои се исфрлуваат при зборување, кивање или кашлање.
Не брзајте и убаво исчистете ги сите копчиња, инструмент-таблата, радиото и уредот за навигација. Секако дека не треба да се заборават ниту воланот, менувачот и контролните механизми за вентилација. За сите електрични делови и копчиња најдобро е да користите марамчиња за дезинфекција или микрофибер крпа со средство на база на алкохол.
Не заборавајте на текстилот и на меките површини на седиштата и вратите, но и на делот кај нозете. Истражете од каков материјал се изработени седиштата и подот и користете средство за чистење на таков материјал. Доколку немате услови за такво нешто, добро ќе завршат работа и марамчињата за дезинфекција.
Ако имате деца, тогаш размислувајте како деца. Особено внимавајте на задниот дел од предните седишта, прозорците и рачките на вратите, односно сѐ што децата би можеле да допрат. Одвојте време и за чистење на прекривките, играчките или предметите кои децата ги чуваат во возилото.
Доколку запирате или излегувате од возилото секогаш користете ракавици, кои ќе ги отстраните пред да влезете пак во возилото. Избегнувајте да користите ракавици за повеќе употреби, бидејќи можат да станат извор на вируси и бактерии.