Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера потврди дека очекува неделава на распит да дојдат сите оние кои беа повикани, а не дојдоа. Јанева не прецизираше кој е повикан, но рече дека очекува оваа недела тие конечно да дадат исказ во СЈО.
Вчера на распит во СЈО дојдоа најбогатиот Македонец, бизнисменот Орце Камчев и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, но Јанева не кажа зошто се тие повикани.
Камчев ги избегна новинарските екипи без да даде изјава во кое својство и за кој случај бил повикан во СЈО. Реномираниот економски магазин „Форбс“ годинава го прогласи Камчев за најбогат Македонец. Тој преку неговата компанија „Орка холдинг“ е сопственик или косопственик на болницата „Систина Аџибадем“, на „Стопанска Банка- Битола“, на најголемиот земјоделски комбинат ЗИК „Пелагонија“, на градежната фирма „Бетон-Штип“ со 55 милиони вредни градежи работи во „Скопје 2014“, хотелот „Ибис“, на медиумската куќа МПМ и десетина други фирми. Акционер во неговите фирми и партенр е оф-шор фирмата „Ексико“ која е регистрирана на иста адреса во Олбани, САД со фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач се самоуби, а беше сведок на СЈО и меѓу 56-те аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов за криминали произлезени од прислушуваните материјали.
Министерката за култура Канческа-Милевска остана речиси четири часа во СЈО, а кога излезе рече дека била повикана како сведок и дека го потенцирала законското работење на министерството за култура. Не кажа за кој случај сведочела. Се претпоставува дека министерката е повикана за проектот „Скопје 2014“ вреден 640 милиони евра и реализиран во нејзиниот мандат, за кој СЈО има истрага.