ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА СЕ 4 БОЛНИ, ВКУПНО 329 ЗАБОЛЕНИ ОД КОРОНАВИРУС

    ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА СЕ 4 БОЛНИ, ВКУПНО 329 ЗАБОЛЕНИ ОД КОРОНАВИРУСВчера починаа двајца мажи од коронавирус, едниот на возраст од 45 години од Куманово, другиот на возраст од 78 години од Дебар; - Погребна служба го изнесува ковчегот на еден од починатите во Инфективната клиника во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Вкупниот број на регистрирани заболени од коронавирус во Македонија до вчера во 15 часот беше 329 луѓе. Од нив починаа 9, а 12 се излечени.  Во критична состојба се 4 пациенти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција.

    Тој соопшти дека Заводот за рехабилитација во скопската населба Козле престанува со работа и не прима веќе пациенти бидејќи таму позитивни на коронавирус се регистрирани 8 медицински лица и двајца пациенти. Таму од 9 до 23 март престојуваше заболен пациент со коронавирус од Тетово. До завчера беа тестирани  46 вработени и 6 пациенти, а дополнително се тестираа уште 16 пациенти.

    Двајца пациенти од регистрираните заболени од Заводот се на Инфективната клиника, а се чекаат резулатите од дополнителите 16.

    Пациентите кои ќе имаат потреба од физикален третман треба да одат во амбулантскиот дел во болницата Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

    „Мобилниот тим кој го најавивме во текот на минатата недела ќе работи преку системот за закажување и Институтот за јавно здравје, пред сѐ за повозрасните граѓани, со цел да не излегуваат од дома и брис и материјал да им се земе во домашни услови“, рече министерот.

    Филипче кажа дека во функција е пунктот во поликлиниката Чаир, а денеска се отвора и пунктот во поликлиниката Млин Балкан, со што капацитетот на пунктови во Скопје практично се дуплира. До крајот на неделата, почнуваат со работа и останатите пунтови ширум државата во здравствените домови, што значи трикратно зголемување.

    Последните починати  се двајца мажи од коронавирус, едниот на возраст од 45 години од Куманово, другиот на возраст од 78 години од Дебар.

    Во изминатите 24 часа од 392 тестирањ се потврдени 44 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Куманово – 23, Скопје – 12, Тетово – 2, Битола – 3, Струга – 2, Штип – 1 и Прилеп – 1.

    Педесет и четири лица се лекуваат на Инфективната клиника во Скопје, 4 се во критична состојба, а 20 имаат потреба од кислородна маска. Останатите се со лесна клиничка слика.

    Армијата привршува со поставувањето на монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје, која има капацитет за 130 пациенти со КОВИД-19. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Иако сѐ уште е рано било што да заклучуваме, линеарниот раст на заболени во последните 15 дена охрабрува. Имаме број на заболени приближно еднаков секој ден. Ова беше нашата цел од самиот почеток, со ваков тренд нашиот здравствен систем ќе може да ги опслужи граѓаните и добро да се справи со коронавирусот. Пикот на епидемијата допрва доаѓа и сега е потребно сите да останеме дисциплинирани и да ги следиме без исклучок мерките и препораките“, кажа Филипче.

    Поставувањето на Мобилната болница до Инфективната клиника е при крај, се местат креветите и до крајот на неделата ќе биде ставена во функција, иако има слободни капацитети на Клиниката. Во тек е надополнување со анестезиолози и медицински сестри.

    За случајот со болницата во Охрид, каде не беше примена пациентка од Струга која подоцна почина од КОВИД-19, Филипче кажа дека се утврдени пропусти во третманот на пациентката и ќе има мерки за сите кои биле вклучени во тој процес.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира