КУМАНОВЕЦОТ КОЈ ПОЧИНА ОД КОРОНАВИРУС СЕ ЗАРАЗИЛ ОД РОДНИНА КОЈ ДОШОЛ ОД ФРАНЦИЈА

    КУМАНОВЕЦОТ КОЈ ПОЧИНА ОД КОРОНАВИРУС СЕ ЗАРАЗИЛ ОД РОДНИНА КОЈ ДОШОЛ ОД ФРАНЦИЈАПочинатиот 45-годишен кумановец епидемиолошки се поврзува со член од семејството кој бил на патување во Франција пред отприлика две недели, а министерот Венко Филипче кажа дека бил со бројни минати болести, шеќерна болест, болест на срцето, фибрилација, хипертензија и обезност; - Кумановската болница. (Фото: СДК.МК)

    Четириесет и петгодишниот кумановец кој почина од коронавирусот, бил заразен од свој роднина кој дошол од странство, кажа министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Тој рече дека пациентот од Кумановската болница прво бил пренесен во болницата  „8 Септември“ каде што иницијално е третиран, а откако му се влошила состојбата доцна синоќа е префрлен на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

    „Епидемиолошки се поврзува со член од семејството кој бил на патување во странство во Франција, пред отприлика две недели. Пациентот е со бројни минати болести, шеќерна болест, болест на срцето, фибрилација, хипертензија и обезност“, кажа Филипче.

    Извори од Кумановската болница велат дека кумановецот кај нив за првпат побарал помош завчера претпладне. Имал симптоми на коронавирус, но претходно направил тест во приватна клиника во Скопје кој бил негативен. Докторите му рекле да остане на одделението, но тој на своја одговорност заминал дома. Попладнето му се слошило и повторно се вратил во болницата. Бил сместен на инфективното одделението и состојбата постојано му се влошувала. Откако му ја пружиле сета помош, а состојбата не се подобрувала, лекарите како итен случај го испратиле во „8 Септември“ во Скопје. Тестот што таму го направиле покажал дека е позитивен на коронавирус.

    Кумановецот имал тезга на зелениот пазар во Куманово, но веќе еден месец не работел затоа што имал проблеми со срцето и висок притисок, па се лекувал.

    Ова е втор случај на починат од коронавирус во Куманово. Првата жртва беше 57-годишна жена, кај која исто така тестот беше негативен, а дури откако почина беше откриена дека е позитивна.

    Во Куманово денеска беа регистрирани нови 23 граѓани позитивни на коронавирус, со што бројот на заболени се зголеми двојно и изнесува 47, исто колку и Дебар.

    Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски веќе извесно време бара во градот да се воведе карантин, но Владата не го прифаќа барањето.

    „Многу е рано да се каже дали ова е драматично зголемување. Ќе ја пратиме будно состојбата и во текот на следните денови, свесни сме за барањата, но барања стигнуваат и од повеќе општини. Одлуките ги носиме врз основа на проценката на еподемиолозите за поврзаноста на случаите детектирани во тој момент и каква е нивната релација за кластерите во однос на иницијалниот извор на болеста. Не може врз основа на денешните тестови да се процени во која насока ќе оди детекцијата на случаи конкретно во Куманово“, рече  Филипче.

    Општина Куманово, преку Општинскиот штаб за заштита и спасување презема повеќе мерки за заштита на населението од коронавирус. Се врши редовна дезинфекција на јавните површини и деловните и станбени објекти во градот, а од денеска на три локации се поставени пумпи за автоматска дезинфекција на возилата коишто влегуваат во Куманово. Во наредните неколку денови ќе се монтира ваква опрема на сите влезови и излези од општината.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира