Клучен самит за климата на Обединети нации, што требаше да се одржи во ноември во Глазгов, е одложен за следната година поради пандемијата на коронавирусот.
„Светот се соочува со досега невиден глобален предизвик и земјите со право се фокусираат на борбата со КОВИД-19. Од таа причина, Конференцијата за климатски промени ЦОП26 се одложува“, изјави нејзиниот претседател Алок Шарма.
Таа требаше да се одржи во Глазгов од 9 до 20 ноември, а одлуката за одложување заеднички ја донесоа Обединети нации, Велика Британија и Италија.
„Имајќи ги предвид ефектите што коронавирусот ги има врз светот, одржување на така амбициозна конференција во ноември 2020 веќе не е можно. Примарна цел на државите во моментов е да спасуваат животи“, се вели во соопштението на организаторите.
На овој самит требаше да се усвојат поамбициозни планови за заштита на климата, при што се очекува владите да се обврзаат на намалување на емисијата на стакленички гасови.