Лидерската средба, на која треба да се направи пресек дали има услови за одржување избори и што од договорот од 20 јули е досега спроведено, почна со половина час задоцнување во Клубот на пратениците во Скопје. Како посредници во постигнувањето на договорот од Пржино на средбата присуствува и американскиот амбасадор Џес Бејли и висок претставник од делегацијата на ЕУ, бидејќи новиот амбасадор Самуел Жбогар во земјава доаѓа утре.
Ако се утврди дека има услови за фер избори, можниот датум за одржување е 11 декември.
Политичките партии потписнички на Договорот од Пржино не ги исполнија сите рокови предвидени со договорот што го постигнаа на 20 јули, пред одржувањето на лидерската средба на која треба да се одреди датумот за одржување на предвремените парламентарни избори.
Договорот заглави кај формирањето на ад хок телото за регулација на медиумите во предизборниот период, чие комплетирање требаше да заврши пред седум дена, односно на 24 август. Четворицата членови предложени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ веќе цела недела не можат да постигнат консензус за избор на петтиот член, кој треба да биде Албанец. Вчера, еден од двајцата кандидати, Даут Даути, се повлече. Тој со писмо ги извести членовите дека не сака да биде пречка за одржување на изборите. Aд хок телото не успеа ни денеска, на состанокот пред лидерската сердба, да го избере петтиот член, па сега ќе се чека партиските лидери да го договорат најприфатливиот кандидат.
Ако на денешната средба лидерите утврдат дека има услови за избори, СДСМ ќе треба да го каже името на новиот главен уредник на информативната програма на МТВ, а за нивниот предлог треба да дадат согласност и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Новиот уредник на јавниот сервис ќе стапи на функција сто дена пред избори.
Ако изборите се одржат на 11 декември, на 2 септември Собранието треба да ја изгласа преодната влада. Со формирањето на преодната влада, до 1 јануари, 2017 се суспендираат измените на Законот за МВР во однос на надлежностите на министерот за внатрешни работи.