Осум дена притвор им досуди Основниот суд во Штип на двајцата штипјани С. А. (23) и П. Р. (26), кои брутално претепаа девојка и тепањето го снимија со мобилен телефон. Мерка притвор ќе се извршува во Затвор Куманово, соопшти Судот.
„Постапувајќи по поднесениот предлог за определување на притвор, на ден 03.04.2020 година, судијата на претходна постапка на ОС Штип ги испита јавниот обвинител, осомничените и нивниот бранител поставен по службена должност на околности од значење за одлучување по предлогот за определување на мерката притвор, по што донесе решение со кое го уважи предлогот на ОЈО Штип и на двајцата осомничени, поради постоење на основи на сомнение за сторување на наведеното кривично дело, им определи мерка притвор во траење од по 8 (осум) дена, согласно чл.470 ст.1 т.2 од Законот за кривична постапка. Со таквото решение е одлучено согласно чл.470 ст.3 од ЗКП, каде е пропишано дека пред поднесување на обвинителен предлог за вакви кривични дела – за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до пет години и е предвидена скратена постапка, притворот не може да трае подолго од осум дена“, соопшти Судот.
„Според кривичниот закон за вакви дела се предвидува мерка притвор и од 8 дена, кога судот може да донесе нова одлука за продоложување на притворот“, вели Основниот јавен обвинител во Штип Ристе Бојаџиев.
Тој очекува дека после овој период на притвор судот ќе ја започне и судската постапка затоа што за време вонредни околности кривичните дела имаат приоритет.
Се смета дека за овој процес судот ќе мора да одреди адвокат по службена должност кој ќе ги брани обвинетите затоа што на нивно барање повеќе адвокати од Штип откажале да учествуваат во ваков судски процес и нив да ги бранат.
Во СВР Штип вчера беа приведени двајцата насилници, откако на социјалните мрежи и медиумите беше објавено видео во кое двајца мажи брутално тепаат девојка и притоа се снимаат, а видеото од насилството потоа е пуштено и на социјалните мрежи.
Обвинителството вели дека обајцата ја претепале девојката пред два месеца.
„Осомничените во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејствија кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинителството.
Т. ЈОВАНОВСКИ