Кралицата Елизабета Втора ги повика Британците на самодисциплина и решителност во времето на пандемија на коронавирусот, во едно од ретките обраќања до нацијата, што се емитуваше на телевизија, радио и социјални мрежи.
„Свесна сум за тагата, болката и за финансиските проблеми со кои се соочуваат Британците во ова проблематично време“, кажа кралицата.
Пораката беше снимена од само еден камерман облечен во заштитна опрема, додека сите други техничари биле во друга соба. Ова е само петти пат во нејзиното 68-годишно владеење таа да одржи ваков говор.
„Ви зборувам во ова исклучително предизвикувачко време, време во кое што е нарушен целиот живот во нашата земја. Тоа на некои им донесе тага, финансиски тешкотии на многумина и огромна промена во животите на сите нас“, изјави таа.
Коронавирусот влезе и во британското кралско семејство откако нејзиниот син, принцот Чарлс, имаше позитивен тест, но тој во меѓувреме излезе од самоизолација и деновиве преку видеолинк отвори нова болница.
„Се надевам дека во наредните години ќе можеме да бидеме горди на тоа како сме одговориле на овој предизвик, за што од вас барам многу самодисциплина“, кажа кралицата.
Во Велика Британија денеска починале 621 пациент, со што вкупната бројка порасна на 4.934, а досега се заразени вкупно 47.806 луѓе.