Новата уредничка на информативната програма на јавниот сервис Санта Аргирова е убедена дека и покрај кусиот период од само 100 дена пред изборите може да се врати кредибилноста на Македонската телевизија.
„Сакам луѓето да се повикуваат на МТВ. Да раскажуваат дека виделе и чуле на вестите на МТВ“, вели Санта Аргирова во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК. „Знам дека се малку 100 дена за да се врати со години губената доверба, но уверена сум дека тоа е можно. Впрочем, кому би му верувале граѓаните, ако не на нивната телевизија, на националниот јавен сервис, кој тие го плаќаат за да бидат информирани, вели Аргирова која денеска треба да ја преземе функцијата во МТВ што вчера ја договорија четворицата лидери како еден од условите за одржување избори на 11 декември.
Санта Аргирова е новинар со долгогодишно телевизиско искуство. Кариерата ја започна уште во осумдесеттите години од минатиот век во јавниот сервис Телевизија Скопје, односно Македонска радио телевизија, а потоа работеше и во приватните телевизии Телма и Алфа, каде што беше дел од основачките тимови на редакциите. Од 2002 до 2006 кога министер за надворешни работи беше Илинка Митрева, Аргирова работеше како шеф на Кабинетот и одговорна за односи со јавноста на МНР. По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, од 2006 до 2008 година таа беше раководител на сектор во Секретаријатот за европски интеграции во времето на покојната вицепремиерка Габрила Конеска, а потоа кај Ивица Боцевски.
Се врати во новинарството со формирањето на ТВ Алфа каде што беше еден од клучните играчи во основачкиот тим. Откако ТВ Алфа ја промени сопственичката структура, Санта Аргирова беше принудена да ја напушти телевизијата и се посвети на пишување белетристика. Таа е автор на два романа „Портрет од Дрезден“ и „Добро утро Јаков“.