Техничка поддршка во амбулантно возило и цистерна за дезинфекција на јавните површини, побара Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС) на денешниот состанок. Меѓу мерките за спречување на ширење на коронавирусот се и барањата за доставувањето на пензиите на домашна адреса, како и формирање на медицински и редарски тимови за потребите на Општинскиот кризен штаб.
„Бараме од Влада на Република Северна Македонија за потребите на Ургентниот Центар да обезбеди дополнително возило за транспорт на пациенти и специјално возило (цистерна) со распрскувачи за вршење на дезинфекција на јавните површини на територија на Општина Куманово, бидејќи капацитетите со кои располага ЈП „Чистота и зеленило“- Куманово не се доволни за секојдневна и целосна дезинфекција на градот. Владата да донесе одлука за средства кои се исплаќаат во вид на социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП „Македонски пошти“ и други субјекти кои имаат можност за таков сервис дирекно до граѓаните како би се надминал постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од страна на граѓани. Фондот за здравствено осигурување да ни достави листа на приватни општи и/или специјалистички ординации, лекари од општа пракса, доктори специјалисти, медицински и технички персонал за потребите на ОШЗС. Се задолжува Општина Куманово да формира редарска служба од сопствени вработени кои ќе вршат редарска контрола на најпрометни места во градот, а ќе бидат во постојана соработка со СВР Куманово а по потреба и асистенција. Лицата треба да бидат видно обележани и ќе добијат насоки од ОШЗС за начинот како ќе ја извршуваат нивната работа“, соопштуваат од Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Општина Куманово денеска воведе уште една телефонска линија за пријавување на ранливите категории граѓани за помош во прехранбени продукти, средства за лична хигиена и дезинфекција. Волонтери од Општината и Црвен Крст и оваа недела ќе им помагаат на болните и изнемоштени граѓани при набавка на прехранбени производи и лекови, за кои самите граѓани ќе си ги покријат трошоците.
„Во Куманово денеска има 8 новозаболени од корона вирус, со што бројот се искачи на 121. Меѓу новите случи има и четворица здравствени работници, две медицински сестри и двајца техничари. Вкупниот број на заболени изнесува 19, од кои четворица се лекари специјалисти. Во текот на денешниот ден се тестирани уште 50 здравствени работници од Кумановската болница“, соопштуваат од Центарот за јавно здравје во Куманово.
С. НИКОЛИЌ