Во САД во изминатите 24 часа починале повеќе од 1.800 луѓе од КОВИД-19, што е најмногу во еден ден во која било земја досега. САД во исто време ја надминаа бројката од 400.000 заразени.
Ова следува откако Доналд Трамп и здравствените власти предупредија дека ова ќе биде критична недела за Американците, во која се очекуваат многу мртви.
„САД можеби се ближат кон врвот на заразата. Можеби ќе има и помалку мртви отколку што првично очекувавме“, изјави Трамп, по што ја нападна Светската здравствена организација.
„СЗО навистина ја утна работата. Иако во најголем дел е финансирана од САД, таа од некоја причина е свртена најмногу кон Кина“.
Најтешка е ситуацијата во Њујорк, каде што во еден ден починале 731 пациент. Во овој град досега има повеќе од 4.000 починати од КОВИД-19, со што беше надминат трагичниот биланс од терористичките напади на 11 септември 2001.
„Ве молам, седете дома и продолжете со социјално дистанцирање. Знам дека е тешко, но мора да продолжиме“, изјави гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, додавајќи дека се намалува бројот на нови пациенти во болници.
И додека САД се нов епицентар на пандемијата, Вухан по 11 недели излезе од карантин и на жителите повторно им е дозволено да излезат од градот.