Филхаромонијата и Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ најавија дека ќе донираат пари за помош на институции и семејства во борбата со коронавирусот.
„Танец“ парите од продадените билети од два нивни концерта во новата концертна сезона ќе ги намени за најпогодените семејства од пандемијата на коронавирусот. Традиционално за Велигденските празници, „Танец“ го одржуваше Велигденскиот концерт, но годинава, како и голем број институции од културата, нивните настапи ќе мора да ги одложат за во иднина.
„ Во програмата на ‘Танец’ за 2020 година, веќе одобрена од Министерството за култура, стои дека е предвиден еден голем хуманитарен концерт, за кој почнаа и преговорите кои се можните приматели на средствата, но директорот Мартин Вучиќ со целото раководство на Ансамблот, овие денови немаа дилеми дека оваа планирана донација од приближно 300.000 денари, ќе ја удвојат, со тоа што ќе посветат уште еден од своите големи концерти (во Националната опера и балет), а вкупната сума од приближно 600.000 денари ќе ја адресираат на најпогодените семејства од пандемијата“, велат од „Танец“.
Филхармонијата вчера најави дека се откажува од договорот со Министерството за култура за меѓународно претставување на институцијата во 2020 година. Станува збор за износ од 2.300.000 денари кои биле наменети за меѓународно претставување на институцијата и презентација на македонската култура во светот. Воедно, институцијата ќе донира и 130 илјади денари од сопствен буџет на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
„Се откажуваме од овие средства кои во моментов може да се пренаменат за многу поважни работи со оглед на состојбата со која се соочува нашата земја“, изјави Виктор Илиески, директор на Филхармонија.
Филхармонија и „Танец“ продолжувааат со емитување на концерти на нивните Јутјуб канали.
Министерството за здравство вчера објави дека се благодарни до сите компании, поединци, организации, институции, амбасади кои со донации во опрема, добра и парични средства даваат поддршка во напорите на здравствените институции за справување со состојбата со КОВИД-19 во земјата. Покрај донациите во опрема и добра, на наменската сметка на Министерството за здравство за донации до сега пристигнати се средства во висина од 59.300.000 денари.
Б. НЕСТОРОСКА