Каква врска има тоалетна хартија со глобалната пандемија на коронавирусот? Никаква, па, сепак, милиони луѓе панично ја купуваа во големи количества, што доведе до тоа да ја снема од продавници и супермаркети.
Ситуацијата полека се смирува, барем во САД, но засега е нејасно кога навиките на купување ќе се вратат во нормала.
„Трупање залихи е вообичаена реакција во време на криза, кога луѓето имаат потреба од контрола и безбедност“, вели Дејвид Гарфилд од консултантската фирма „АликсПартнерс“.
Оттаму додаваат дека продажбата на тоалетна хартија во САД се зголемила за 51% во периодот од 24 февруари до 10 март. На 11 и 12 март, кога сојузните држави почнаа да прогласуваат карантин, продажбата пораснала за неверојатни 845%.
Тоалетната хартија е гломазна и недоволно профитабилна, па затоа продавниците не држат големи залихи и тоа е една од причините за нејзино брзо снемување во овој период. Просечен Американец троши 141 ролна тоалетна хартија годишно (наспроти 134 во Германија или 49 во Кина, според „АликсПартнерс“), па и мала промена во навиките на купување може да предизвика хаос.
Трите најголеми американски компании за тоалетна хартија веќе работеле 24 часа на ден во пресрет на пандемијата, но тоа е сѐ што можеле да направат.
И продажбата на бидеа достигнала рекордни нивоа во март, на кои во средината на месецот се трошеле по милион долари на ден.