Првото судско рочиште против притворениот новинар Зоран Божиновски, како дел од големиот случај „Шпион“, денеска се одложи. Судијката Александра Крстиќ од Основниот суд Скопје 1 воопшто не ни издала наредба тој да биде донесен на судењето, бидејќи, како што кажа, Апелациониот суд Скопје не ги доставил навремено сите докази против обвинетиот.
Божиновски е обвинет за шпионажа, злосторничко здружување и за уцена и е дел од случајот „Шпион“, каде осудени 18 лица, но за него Обвинителството за организиран криминал има поведено посебна постапка, бидејќи беше недостапен на органите на прогонот.
Специјалното обвинителство, кое веќе го застапува во втор степен случајот „Шпион“, ја бара надлежноста и врз предметот на Зоран Божиновски, која сѐ уште е во Обвинителството за организиран криминал на Марко Зврлевски и на Јован Илиевски, бидејќи Советот на јавни обвинители одлучи дека СЈО немало надлежност.