ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈАТА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЖБИ НЕ ГИ ПРОВЕРИЛЕ МАЈКАТА И СИНОТ ОД ВЕЛЕС КОИ ПОЧИНАЛЕ УШТЕ ВО ЈАНУАРИ, А БЕА НАЈДЕНИ НЕДЕЛАВА

    ПОРАДИ ЕПИДЕМИЈАТА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЖБИ НЕ ГИ ПРОВЕРИЛЕ МАЈКАТА И СИНОТ ОД ВЕЛЕС КОИ ПОЧИНАЛЕ УШТЕ ВО ЈАНУАРИ, А БЕА НАЈДЕНИ НЕДЕЛАВАЗградата во Велес во која живееја мајката Катица и синот Ванчо кои беа најдени мртви на 6 април, а починале во јанаури. (Фото: СДК.МК)

    79-годишната Катица Маноилова и синот Ванчо од Велес, кои беа најдени мртви на 6 април, последен пат соседите ги виделе на кратко на почетокот на јануари, кога ги платиле месечните сметки за влезот од зградата каде живееле. Кога заѕвониле на врата, мајката и синот ја подотвориле и дале пари.

    Синот Ванчо е виден исто така на почетокот од јануари, кога бил во Центарот за социјални работи на Велес да обнови документи дека треба да користи материјална помош и нега. Објаснуваат дека станувало збор за многу коректна странка, помалку плашлива, која не зборувала многу.

    Според обдукцијата, тие починале во јануари, а кај жената е најден коронавирус во дишното стебло, како што кажа вчера министерот за здравство Венко Филипче. Од Центарот за социјални работи велат дека последен пат ги провериле лани, а годинава не ги провериле поради епидемијата на коронавирус.

    „По поднесувањето на документите треба да извршиме проверка во наредните месеци. Но бидејќи започнаа случувањата со коронавирусот, не одиме да посетуваме странки. За ланската 2019 година е извршена проверка кај ова лице. Јавноста треба да знае дека по опожарувањето на станот во 2018 година дадена им е еднократна материјална помош. Тогаш им беше понудено жената да биде згрижена во дом, а синот во здравствена институција, но тие одбија, бидејќи биле материјално обезбедени, а тоа го потврдија и со потпис на документ“, велат од Центарот за социјални работи од Велес.

    За семејството едни соседи кажуваат добри зборови, додека други велат дека Ванчо, кој имал психички проблеми, знаел да ги нападне.

    „Катица која е Романка дојдена е во Велес и тука се омажила. Сопругот ѝ работеше во цигланата ‘Киро Ќучук’, одамна е починат, имаше добра пензија, не беа за жалење. Синот се смени откако се врати од војска и никогаш никаде не работел. Кога 2018 година се опожари станот, се собраа пари, имаше акција по медиумите, им ги дадоа ама гледате уште вратата, прозорците од терасата и собата се гарави од пламенот, ништо не се смени ниту обели“, вели сосед на семејството.

    Друга сосетка тврди дека од полицијата барала да интервенира во станот на Маноилови неколку дена претходно, бидејќи имало лоша миризба, а полицијата дошла во понеделникот.

    „Пријавив уште во средата (телата беа пронајдени во понеделникот н. з.) и рекоа дека ќе дојдат за два дена, а помина и сабота и недела. Во понеделникот утрото пак ѕвонев и се скарав со полицаецот, зошто ги нема, ми објасни им требало налог за да влезат во станот“, вели друга сосетка.

    По барање на ОЈО Велес, телата на починатите мајка и син беа предадени на обдукција а резултати на Институтот на судска медицина покажаа дека Катица имала КОВИД-19 додека синот Ванчо немал. Утврдено беше дека жената починала уште на почетокот на јануари, далеку порано откога е регистриран првиот официјален случај на коронавирус во земјава.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира