Во Институтот за јавно здравје во Скопје денес се прави уште една анализа на материјалот кој е земен од трахеата на телото на починатата 79-годишна велешанка, за да се потврди позитивниот резултат на коронавирус, вели Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција кажа дека велешанката Катица Маноилова, која на 6 април беше најдена мртва заедно со синот во нејзиниот стан, била позитивна на КОВИД-19. Нејзиниот син Ванчо (53) имал негативни резултати на коронавирусот. Обдукцијата на телото од Институтот за судска медицина, која ја нареди Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес, покажала дека жената умрела на почетокот на јануари, што ја отвора дилемата од кога КОВИД-19 е присутен во Македонија.
„Што се однесува до останатите првични информации за случајот, засега се знае само дека жената била сигурно почината повеќе од една недела. Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната недела, треба да откријат во кој период таа починала. Информациите кои вчера ги пренесоа дел од медиумите дека биле починати повеќе од еден месец не се точни и се чекаат конечните анализи“, велат од кабинетот на Филипче.
Министерството вели дека по наодот оти починатата велешанка е позитивна на коронавирус, ја прошириле истрагата во која се вклучуваат повеќе институции, т. е. експерти од судска медицина, МАНУ и тимот на епидемилозите од Институтот за јавно здравје. За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација (СЗО) која, ако има потреба, ќе се вклучи со поддршка, велат од Министерството за здравство.
П. ПЕЧКОВ