Вчера околу 13:40 часот, во време на забраната за движење, на улица 176 во Тетово полициски службеници привеле 77-годишен тетовец. При преглед, кај него бил пронајден пиштол калибар 7,65 милиметри со рамка со седум куршуми. Тетовецот Р. А. пиштолот го поседувал без дозвола. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за документирање на случајот и ќе му бидат изготвени соодветни поднесоци.
„Освен него, забраната за движење не ја почитувале уште седум лица од Тетово и пет од Гостивар. Меѓу нив е и еден 67-годишник, кој ја прекршил одлуката за ограничено движење. Сите прекршители на полицискиот час се лишени од слобода и задржани и против нив ќе следуваат соодветни поднесоци“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Вкупниот број на лица спроведени во државен карантин на тетовско-гостиварското подрачје изнесува 142, од кои во Тетово 59, а во Гостивар 83, додека бројот на евидентирани нови лица во самоизолација е 10, еден во Тетово и девет во Гостивар.
З. АНДОНОВ