Доналд Трамп изјави дека има апсолутна власт да ги укине мерките на карантин на национално ниво и повторно да ја отвори американската економија во кое било време, спротивставувајќи им се на гувернерите и правните експерти.
„Претседателот на САД ја презема иницијативата“, изјави Трамп на дневниот брифинг во Белата куќа, на кој се скара со новинарите.
Според Уставот на САД, сојузните држави се овластени за одржување на јавен ред и безбедност. Десет сојузни држави од двата брега на земјата најавија укинување на препораката да се седи дома.
САД моментално се глобален епицентар на пандемијата на коронавирусот, со речиси 590.000 заразени и 23.644 починати. Исто така, поради кризата со коронавирусот, повеќе од 16 милиони Американци останале без работа во изминатите неколку недели.
„Мојата администрација го финализира планот за повторно отворање на економијата“, изјави Трамп.
Оттаму најавуваат дека ограничувањата би можеле да бидат олеснети околу 1 мај, кога истекуваат сегашните препораки да се избегнуваат несуштински патувања и собири со повеќе од десет луѓе.
„Кога некој е претседател на САД, неговата власт е апсолутна. Гувернерите го знаат тоа“, кажа Трамп.
Сепак, новинарите и правните експерти го предупредија Трамп дека тој нема право да ги промени јавните здравствени ограничувања воведени од државни или локални власти.