Две среди по ред Уставниот суд заседава за иницијатива на Тодор Петров за оценување на законитоста на самораспуштањето на Собранието. Неофицијално, со иницијативата на претседателот на Светски македонски конгрес Тодор Петров, вистинскиот нејзин нарачател, поточно партија, сака да ги врати пратениците назад, спротивно на Уставот.
Член 63 од Уставот вели пратениците одлучуваат за распуштање на Собранието. Собранието се самораспушти на 16 февруари 2020 со 108 гласа „за“ година, откако претходно на лидерска средба парламентарните партии се договорија да има предвремени избори.
Најрегуларно, што е уставна обврска на пратениците, тие ја исполнија обврската, гласаа сите до еден Собранието да се распушти, кога немаше ни коронавирус, ни вонредна состојба.
Според иницијативата, подносителот смета дека без оглед што се самораспуштило, Собранието треба да се врати назад во работа и да врши контрола на Владата и на нејзините активности во вонредна состојба. Ова, велат во Уставниот суд, се однесува пред сѐ на овластувањата на Владата да носи уредби со сила на закони, со кои се воспоставуваат права и обврски надвор од воспоставениот ред.
Идејата на иницијативата, според она што се расправало веќе еднаш на 8.04. минатата среда, е дека Владата, во која од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ го има само министерот за внатрешни Наќе Чулев, можела коренито да ја менува реалноста во насока на сопствените интереси. Затоа, бара иницијаторот, неопходно е Собранието да се состане за да ја врши законодавната надлежност за контрола врз Владата, за да не биде Чулев сам.
Интервенцијата на Уставниот суд, велат истите извори, би се состоела во тоа пратениците да се вратат, решението за распишување на предвремените парламентарни избори од претседателот Талат Џафери да падне во вода и Собранието да ја воспостави контролата врз Владата.
Со тоа ќе се обезбеди Собранието, а не Владата, во вонредна состојба да го одреди новиот термин за парламентарните избори. Така, на Владата предводена од СДСМ кој веќе се изјасни дека штом се смири коронавирусот, веднаш ќе се одржат предвремените избори, би ѝ било оневозможено тоа да го стори.
Не се знае дали утре ќе заврши седницата за иницијативата на Петров против Одлуката за распуштање на Собранието на 16.02., во која не е повреден Уставот и според доминантното мислење во судот, е бесмислена.
Неколку повозрасни уставни судии биле со влошено здравје и најавиле дека периодов не може да доаѓаат на работа.
С. К. ДЕЛЕВСКА