ПАЦИЕНТ ОД БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19, ПРЕТХОДНО СЕ ЛЕКУВАЛ НА ПСИХИЈАТРИЈА ВО ДЕМИР ХИСАР

    ПАЦИЕНТ ОД БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19, ПРЕТХОДНО СЕ ЛЕКУВАЛ НА ПСИХИЈАТРИЈА ВО ДЕМИР ХИСАРДиректорката на болницата Билјана Гагачовска вели дека при третманот со пациентот биле преземени сите мерки според пропишаните протоколи за заштита на пациентите и медицинските лица. (Фото: СДК.МК)

    Позитивен на КОВИД-19 е пациент од Битола со психијатриска дијагноза, кој пет дена се лекувал во Битолската клиничка болница. Пациентот прво бил прегледан на Одделението за ургентна медицина, па според симптомите хоспитализиран на Психијатриското одделение, па на Интерното одделение и на крај префрлен на Инфективното одделение. Во изолација се 13 доктори, медицински сестри и болничари. Ова е десетти пацинет позитивен на КОВИД-19 од Битола.

    Пациентот бил примен на 10 април со психијатриска дијагноза, но без покачена температура. Откако во попладневните часови кренал температура и било утврдено дека на почетокот на месецот се лекувал во Дневната болница при Психијатриската болница во Демир Хисар, поради претпазливост му бил земен брис, а тој изолиран во посебна соба на Интерното одделение. Резултатите од брисот пристигнале дури вчеравечер, по што бил префрлен нај Инфективното одделение во делот за третман на пациенти позитивни на КОВИД-19. Тој во моментот е во општа добра зравствена состојба.

    Директорката на болницата Билјана Гагачовска вели дека при третманот со пациентот биле преземени сите мерки според пропишаните протоколи за заштита на пациентите и медицинските лица.

    „Додека го чекавме резултатот, бидејќи постоеше некаква веројатност се постапи со него како сомнителен пациент и по целокупниот протокол, обезбеден со маска и ракавици по најкраткиот пат беше префрлен прво на Интерно одделение. И за заштита на пациентот и на здравствените работници беше поставен во посебна соба изолиран од другите пациенти. Не се мешаше со другите пацинети, не користеше тоалет бидејќи беше поставен катетер, беше неподвижен и не излегуваше од собата. Влегувањето кај него беше по сите протоколи и ниво на заштита“, рече Гагачовска.

    Во однос на објавите на социјалните мрежи дека предолго се чекало за да се добие резултатот од брисот и дека Болницата не била подготвена на потребното ниво, директорката Гагачовска рече дека постапено е по сите протоколи, а медицинските лица имаат доволно заштитна опрема. Го повика Државниот санитарен инспекторат да го провери случајот, а до СВР и Основното јавно обвинителство апелираше да постапат според процедурите за ширење на лажни вести. Воедно, најави дека Клиничката болница ќе поднесе кривична пријава против лицата што ширеле лажни вести и паника.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира