Техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче не дојдоа на седницата на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, потврдија од кабинетот на Претседателот. Спасовски, Османи и Филипче, како и Арбр Адеми, вчера беа во посета на Општина Куманово и имаа средба со градоначалникот Максим Димитриевски кој денеска објави дека е позитивен на КОВИД-19.
Од кабинетот на Пендаровски информираат дека седницата е во тек и по завршувањето претседателот ќе даде изјава за јавноста во врска со темите за кои се разговарало и заклучоците.
Покрај премиерот и министрите, вчера во Куманово на седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување беше и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, директорот на Дирекција за заштита и спасување Аднан Џаферовски, директорите на Кумановската болница и Центарот за јавно здравје, претставници на Советот на Општина Куманово, на СВР Куманово, на Армијата, Пожарната единица, Црвен крст, Центарот за управување со кризи, како и на јавните претпријатија. На состанокот присуствуваа околу 25 луѓе, а траеше 3 часа. Претходно градоначалникот и владините претставници одржаа прес-конференција пред голем број на новинари.
С. НИКОЛИЌ