Нови 43 заразени од коронавирус се регистрирани во изминатото деноноќие во Куманово, потврдуваат од Центарот за јавно здравје Куманово. Според директорот Ариф Љатифи, 10 од заразените се членови на Општинскиот кризен штаб меѓу кои и градоначалникот Максим Димитриевски, а над 20 се здравствени работници.
„19 новозаболени се од Кумановската болница, по еден од Здравствениот дом и од приватна ординација. Меѓу заболените има петмина лекари. Зголемениот број на позитивни случаи е резултат на големиот број на тестирани групи, кои имаат повеќе контакти“, изјави Љатифи.
Тој вели дека во Куманово се дефинирани и идентификувани 12 кластери на заразата и дека состојбата е под контрола и покрај големиот број на новозаболени.
Во Кумановската болница бројот на потврдени со КОВИД-19 се искачи на 71 од околу 700 вработени.
Во Куманово вкупно се заболени 305 лица.
С. НИКОЛИЌ