КУМАНОВКА КОЈА СЕ ПОРОДИЛА НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА Е ПОЗИТИВНА НА КОВИД-19, И ТАА И БЕБЕТО СЕ ДОБРИ И СЕ ПУШТЕНИ ДОМА

    КУМАНОВКА КОЈА СЕ ПОРОДИЛА НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА Е ПОЗИТИВНА НА КОВИД-19, И ТАА И БЕБЕТО СЕ ДОБРИ И СЕ ПУШТЕНИ ДОМАОд ГАК велат дека е направен скрининиг на трудници кај кои постои висок ризик за предвремено породување. (Фото: СДК.МК)

    На Киниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје пред три дена се породила пациентка за која резултатот од тестирање  покажал дека е позитивна на коронавирус, соопштија од Клиниката.

    Пациентката и за време на приемот и за време на престојот била без симптоми на болеста, но со оглед на тоа што доаѓала од кумановскиот регион била примена и породена во делот за изолација. И мајката и детето се во добра здравствена состојба, испишани се од болницата и веќе се дома, Земен е брис и од бебето и се чекаат резултати.

    По зачестената појава на предвремени породувања, особено кај ризичните бремености, во текот на денот биле тестирани за коронавирус десетина трудници кои се хоспитализирани на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и сите се негативни, кажа на онлајн прес-конференцијата министерот за здравство Венко Филипче.

    „Направени се серолошки тестови на Институтот за биохемија и сите се негативни. Индикација беше тоа што многу повеќе родилки и трудници се примени во изминатите неколку денови на Клиниката“, кажа министерот.

    Од Клиниката ни кажаа дека е направен скрининиг на трудници кај кои постои висок ризик за предвремено породување.

    Директорката на ГАК Викторија Јовановска во вторникот изјави дека изминатиов период е зголемен бројот на предвремено родени бебиња во споредба со други години, и претпоставува дека тоа се должи на зголемениот стрес кај трудниците поради епидемијата на коронавирусот. Таа тогаш најави дека побарала од министерот за здравство Венко Филипче да ги тестираат мајките на предвреме родените бебиња, да видат дали го прележале коронавирусот, за да утврдат дали можеби има и таква поврзаност и причина за предвремените породувања.

    „Бременоста и во нормални околности е проследена со осцилации во емоциите, често е придружувана со зголемена чувствителност и вознемиреност, а очекувано е КОВИД-19 да предизвикува нагласена загриженост кај бремените жени. Поради тоа, не е исклучено психолошката состојба на трудниците да има свое влијание и врз поголемиот број на предвремени породувања, во однос на вообичаениот“, вели директорката Јовановска.

     

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира