Министерот за здравство Венко Филипче верува дека верските заедници се свесни за опасноста од масовни собири за време на сегашните Велигденски и скорешните Рамазански празнувања, откако Владата реши да не ги затвора црквите и џамиите за да спречи масовни собири и религиски обреди во екот на пандемијата на КОВИД-19.
Во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК Филипче изрази надеж дека граѓаните ќе покажат одговорност кон сопственото здравје и здравјето на блиските, откако МПЦ не се откажа од давањето Велигденска причесна со едно лажиче за сите.
На прашање дали лично смета дека Владата ги поткопува сите негови досегашни напори, трудот на медицинските работници, како и постигнувањата на експерската група во Комисијата за заразни болести во битката за успорување на заразата со КОВИД-19, со тоа што не ги затвори црквите и џамиите, тој одговори: „Верувам дека верските заедници се свесни за опасноста од собирите за празниците и се надевам дека ќе испратат уште еднаш јасна порака за тоа дека празниците треба да се прослават дома. Што се однесува до Владата, сите мерки што беа потребни се преземени, вклучително и препораките кон верските заедници“.
„Останува граѓаните да покажат целосна одговорност кон сопственото здравје и здравјето на сите граѓани“, изјави Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Министерот за здравство на вчерашната прес-конференција, која ја одржа од дома, бидејќи е во изолација, одговарајќи на новинарски прашања за причесната во црквите каде верници од иста лажица пиеја вино, рече дека немал разговори со владиците и свештениците за да им посочи да не вршат верски обреди во присуство на верници.
„Сметам дека вакви собири се апсолутно недозволиви. Не сум имал разговори со црковните лица. Но, има одлука на Владата дека не може да се собира поголема група од двајца и доволно е тоа да се почитува“, рече Филипче.
Филипче не даде конкретен одговор на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали отсега во епидемиолошкиот прашалник за пациенти ќе се стави прашање „Дали сте зеле причесна“.
- КОГА МОЖЕШЕ ПАПАТА САМ ДА ДРЖИ МИСА И САУДИСКА АРАБИЈА ДА ГИ ЗАТВОРИ НАЈСВЕТИТЕ ЏАМИИ, НЕ ГЛЕДАМ ЗОШТО МПЦ И ИВЗ ТОА НЕ БИ ГО ПОЧИТУВАЛЕ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ
-
ВЕРНИЦИТЕ СЕ ПРИЧЕСТУВААТ СО ИСТА ЛАЖИЧКА, ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ ВЕЛИ НЕ МОЖЕ ПОВЕЌЕ ОД ДВАЈЦА ОДЕДНАШ
„Може да се направи епидемиолошка релација и поврзување во секој момент. Во самиот индивидуален контакт со пациентот, секако дека епидемиолозите се интересираат за сите контакти кои ги имал во изминатиот период. Сакам да го искористам прашањето да го повторам апелот да нема собири. Дајте, ве молам, да нема групни собири, може празникот да се помине дома, без разлика што станува збор за верски празник. Ако не ги почитуваме препораките даваме шанса за еден следен пик после две недели од сега“, рече Филипче.
За изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека треба да се релаксираат мерките, Филипче рече дека е рано за таков чекор.
„Денес имавме прв состанок со Стопанската комора за тоа како ќе се враќаат работите во нормала. Логиката за тоа ако се попуштат мерките е дека ќе се намалат гужвите, но сметам дека треба да се издржи овој период од недела-две и тогаш ќе ги видиме резултатите. Сите се исто изложени, доказ за тоа е дека и јас се обраќам од дома“, одговори Филипче.
А. АНТЕВСКА