АКЦИЗАТА ЗА НАФТАТА СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА 3 ДЕНАРИ, ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ ВО ФОНДОТ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ОД КОВИД-19, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    АКЦИЗАТА ЗА НАФТАТА СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА 3 ДЕНАРИ, ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ ВО ФОНДОТ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ОД КОВИД-19, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАПоради состојбата со коронавирусот и намалената потрошувачка, сценаријата се дека по овој основ во буџетот би се собрале 30 милиони евра помалку од планираните. (Фото: К. Попов)

    За три денари ќе се зголеми акцизата за нафтените деривати, одлучи Владата на денешната седница. Оваа мерка е донесена за справување со последиците од КОВИД-19 и како резултат на намалување на малопродажната цена на нафтата за 20 денари, кажа владиниот портпарол Муамед Хоџа на денешната прес-конференција.

    „Уредбата нема да предизвика некакви економски последици по граѓаните, со оглед на падот на цената на нафтата. Ова зголемување од 3 денари е незначително со оглед на падот на цената на нафтените деривати за 20 денари од јануари досега. Сите средства од зголемувањето на акцизата ќе одат во Буџетот на државата, односно во фондот за справување со економските последици од коронавирусот, за помош на стопанството и помош на граѓаните“, рече Хоџа.

    Лани во Буџетот на државата по овој основ биле наплатени 240 милиони евра, а пред појавата на пандемијата проценките биле дека оваа година ќе бидат наплатени плус 15 милиони евра односно 255 милиони евра. Поради состојбата со коронавирусот и намалената потрошувачка, сценаријата се дека падот би бил 12 отсто, односно по овој основ во Буџетот би се собрале 30 милиони евра помалку од планираните.

    Како што објаснија од Владата, со зголемување на акцизата за 3 денари до септември ќе се обезбедат плус 18 милиони евра, а ако оваа Уредба биде на сила до декември тогаш би се покриле 30 милиони евра загуби кои се очекуваат поради пандемијата.

    „Не е точно дека зголемување на акцизата ќе се одрази на транспортните компании, бидејќи сега малопродажната цена на нафтата е за 20 денари пониска. Предвидени се чекори и доколку се зголеми цената на нафтата односно ако таа порасне за 10 денари, тогаш акцизата ќе биде зголемена за 2 денари, а доколку цената на нафатата се зголеми за 20 тогаш, тогаш акцизата ќе се врати како пред донесување на оваа антикризна мерка“, рече Хоџа.

    На денешната владина седница која е во тек, ќе се дискутира и за намалување на полицискиот час односно тој да трае од 19 до 5 часот наутро.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира