Ангела Меркел предупреди дека Германија би требала да биде претпазлива и паметна во справувањето со кризата со коронавирусот, бидејќи ова е само почеток.
„Уште долго ќе живееме со него“, кажа Меркел во германскиот парламент.
Таа ги предупреди регионалните лидери во земјата да не брзаат со олеснувањето на рестриктивните мерки, за да не се загрози сѐ она што досега е постигнато.
„Спроведувањето на излезната стратегија многу ме загрижува. Никој не сака да го слушне тоа, но ние не сме во крајната фаза на пандемијата, туку на нејзин почеток. Да не го отфрламе она што досега сме го постигнале“, кажа германската канцеларка.
Меркел ги повика европските држави да покажат поголема кохезија во борбата против вирусот и смета дека Германија треба да биде подготвена да даде далеку поголем придонес во заедничкиот европски буџет.
„Дополнителните средства треба да бидат во духот на солидарноста и на ограничено време. Ова е најголемиот предизвик за животот и здравјето на луѓето од Втората светска војна“, кажа Меркел.