ДРЖАВНИОТ ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ НАЈДЕ НЕПРАВИЛНОСТИ ВО ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ, ДИРЕКТОРОТ НЕ СЕ СОГЛАСУВА

    ДРЖАВНИОТ ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ НАЈДЕ НЕПРАВИЛНОСТИ ВО ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ, ДИРЕКТОРОТ НЕ СЕ СОГЛАСУВАДржавниот санитарен здравствен инспекторат беше во вонреден инспекциски надзор изминатата седмица, откако тројца вработени од велешкиот ЦЈЗ се позитивни на КОВИД-19, поради што сега девет вработени лица се во самоизолација, во домашни услови. (Фото: СДК.МК)

    Во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Велес констатирани се повеќе неправилности, кои денес на прес-конференција ги објави д-р Ирина Сотирова-Бухова, директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ). Тие беа во вонреден инспекциски надзор изминатата седмица, откако тројца вработени од велешкиот ЦЈЗ се позитивни на КОВИД-19, поради што сега девет вработени лица се во самоизолација, во домашни услови.

    „Констатирани се низа неправилности. Меѓу нив, дека сите брисеви за сомнителни случаи на лица со КОВИД-19 се вршени без епидемиолошка анкета, евиденцијата која се води е само како скрининг, а некојпат ни така туку список кој некојпат е напишан на рака до лицата кои работат на пунктот каде се земаат брисеви. Потоа, неносење на лична заштитна опрема од одговорното лице и чести блиски меѓусебни контакти на вработените без држење на пропишано растојание. Ослободување од работа на здравствени работници без никаков основ согласно препораките на Владата, непочитување на алгоритамите за земање на материјали за молекуларна дијагностика, непостоење на епидемиолошки анкети за процена на ризик. Во случајот со продажниот објект на ‘Кит-Го’, каде на инсистирање на ДСЗИ ЦЈЗ Велес ги направи анкетите на вработените. По ова, се констатира дека 15 од нив се под здравствен надзор, а маркетот ја продолжи работата со останатите вработени. Одговорно тврдам дека лицата кои сега се на работите места, не се здравствен ризик за потрошувачите и за функционирање на маркетот“, кажа д-р Сотирова-Бухова.

    Директорот на ЦЈЗ Тони Димитриевски тврди дека кај нив се работело по протокол.

    „Не можам да се согласам со изнесените ставови. Ако сме работеле без епидемиолошка анкета, како ќе ги откриевме сите 64 случаи во Велес кои не се од еден, два или три кластери. Вработените од Центарот не се лица кои се во директен контакт со сомнителни лица на кои им се земаат брисеви, или се позитивни оти биле во контакт со наши заболени пациенти. Откривме шест случаи на лица од продажниот објект, каде продолживме со скрининг. Можно е да имаме различен начин во водењето на книгите и тукада  е проблемот со кој се разидовме со Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, рече директорот Димитриевски.

    Викендов во Велес, ЦЈЗ информираше дека има четири нови случаи со КОВИД-19, активни се 52, а 11 лица се оздравени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира