Ниту еден кандидат од Академијата за судии и обвинители од оние кои исполнуваат услов, а тоа е 4 години непрекината работа во основен суд, не успеал да биде избран за апелационен судија. Судиите кои беа примени од првите генерации од Академијата веќе исполнуваат услов и тие конкурирале на огласите за апелациони судии во Скопје, Битола, Гостивар и Штип, но вчера, Судскиот совет не избра ниту еден од нив.
Советот на вчерашната седница избра седум судии во Основните судови Скопје 1, Скопје 2 и Велес, сите од Академијата за судии, пет во Апелациониот суд Скопје, еден во Битолска апелација, двајца во Апелациониот суд Штип и тројца во Апелациониот суд Гостивар. По подолга пауза, избра и четворица судии во Врховниот суд, но граѓански. Врховен судија – кривичар пак не избра, и покрај повеќемесечните барања на претседателката Лидија Неделкова, со што таа и натаму го прави кворумот во Кривичниот совет во Врховниот суд, кој мора да има пет члена.
Судскиот совет избра и еден судија во Управниот суд и двајца во Вишиот управен суд.
Ерол Абдулаи, Вероника Станојевска и Александра Палашевска се избрани во Основниот суд Скопје 2, Ненад Савески и Даниела Димовска во Основниот суд Скопје 1, Дара Арсова во Основниот суд Велес и Ратка Муканова, исто така од Академијата, избрана е за судија во Основниот суд Струмица.
Судиите, пак, Ѓорги Радојков и Зора Треневска вчера беа унапредени во граѓански судии во Апелациониот суд Скопје, Јани Нича од Основниот суд за организиран криминал и корупција беше избран за кривичар во Скопска апелација, Санде Зиков за судија од областа на работните односи, а Наташа Савовска – Димитровска за судија во трговската област во Скопска апелација.
Во Битолска апелација за судија кривичар беше избрана Анита Милошевска, Ханиф Зендели за кривичар во Апелациониот суд Гостивар, а во истиот суд за граѓански судии се избрани и Али Алиу и Лилјана Ицкова. Сузана Здравева е избрана за граѓански, а Тони Делев за судија кривичар во Апелациониот суд Штип.
Снежана Бајлозова, Надица Андреева, Рахилка Стојковска и Стојанче Рибарев Судскиот совет ги избра за граѓански судии во Врховниот суд.
Советот вчера пензионираше шестмина судии со навршени 64 години, а донесе одлука и за еден престанок на судискиот мандат, по лично барање.