ПРЕТСТАВА ЗА БЕБИЊА И КУКЛЕН ПРОЕКТ ЗА ВОЗРАСНИ, НАЈАВУВА ЗА ГОДИНАВА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

    ПРЕТСТАВА ЗА БЕБИЊА И КУКЛЕН ПРОЕКТ ЗА ВОЗРАСНИ, НАЈАВУВА ЗА ГОДИНАВА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИИако сѐ уште не се знае кога ќе се отворат театрите, директорката Катерина Илиевска-Силјановска најавува дека меѓу одобрените проекти од Министерството за култура е и претстава за бебиња под работен наслов „Облак од сладолед“, наменета за деца од 6+ месеци. (Фото: СДК.МК)

    Претстава за бебиња и куклена претстава за возрасни се новитетите кои ги планира Театарот за деца и младинци (ТДМ) за годинава, вели директорката Катарина Илиевска-Силјановска. Со Годишната програма за култура, која беше објавена во февруари, за оваа година им се одобрени три проекти, но од март сите воспитно-образовни институции и културни установи се затворени, па останува тие да се реализираат во иднина кога ќе бидат укинати рестриктивните мерки на Владата како превенција од ширењето на коронавирусот.

    Иако сѐ уште не се знае кога ќе биде тоа, поразговаравме со директорката за идните планови, како и за тоа дали стравува дали ќе се врати публиката во театрите. На 11 март требало да има премиера на младинско тинејџерски проект за врсничкото насилство во училиштата со наслов „Кој е силеџија“ кој го работеле од сопствени средства.

    „Потоа почнавме со подготовки на првиот проект одобрен од Министерството, претстава за бебиња под работен наслов ‘Облак од сладолед’, во режија на Бојана Лазиќ од Белград. Нешто што за првпат се случува во нашата држава, а кое не е нешто непознато во регионот и Европа. На тоа сум многу горда, а се разбира и по малку уплашена како ќе помине кај публиката. Станува збор за една интерактивна претстава за деца од 6 + месеци, каде родителите со своите бебиња учествуваат во неа заедно со наши тројца професионални актери. Нешто за што не може да се објасни доволно преку пишан збор, туку треба да се доживее“, ни рече Илиевска-Силјановска.

    Иако не се знае кога ќе се отворат театрите, Илиевска-Силјановска вели дека не стравува дали ќе се врати публиката, и како што вели, смета дека гледачите едвај чекаат, но сепак тоа ќе им го остави ним. (Фото: ТДМ)

    До крајот на јуни требаше да реализираат уште една детска претстава, а од септември и третата детска одобрена од Министерството за култура. Освен режисерката од Србија, планирано е да работи и режисерка од Хрватска како и една од земјава.

    „Сега не би ги издвојувала насловите зашто не знаеме што ќе се реализира. А во продолжение, имавме намера да направиме една куклена претстава за возрасни со сопствени средства, која би ја режирал наш колега, Драган Довлев, во соработка со нашиот куклар и останати соработници. Такви фестивали за куклени претстави за возрасни постојат во Европа, така што сакавме да бидеме конкурентни на пазарот и ние“, вели директорката.

    Театарот за деца годинава слави 30 години, и од Министерството им одобриле пари за детски фестивал во нивна организација. Директорката вели дека сега и не знае како и дали ќе се реализираат работите и по кој редослед. Исто така, требало да имаат и барем две гостувања на детски и младински фестивали надвор од земјата.

    Сцена од куклената претстава „Тоби“ со Марија Ѓорѓијовска и Катарина Илиевска-Силјановска. (Фото: ТДМ)

    „На јубилејот многу му се радував и со нетрпение го очекував неговото одбележување. Затоа и сум малку тажна сега. Но, нема да се откажам, ние кои сме дел од овој театар заслужуваме достојна прослава. Изработивме монографија, која ќе биде промовирана кога ќе ѝ дојде времето, театарот сакавме да ни биде мал музеј со тоа што ќе изложевме кукли и костими во одредени позиции со нивни приказни и требаше деца и возрасни од училишта и независно од нив, да доаѓаат и да го разгледуваат театарот од друг агол“, додава таа.

    Иако не се знае кога ќе се отворат театрите, Илиевска-Силјановска вели дека не стравува дали ќе се врати публиката, и како што вели, смета дека гледачите едвај чекаат, но сепак тоа ќе им го остави ним.

    „Она што ние може да го ветиме е дека целиот театар ќе биде дезинфициран, веќе еднаш е сторено тоа, но ќе го повториме пред започнуање на сезоната, ќе се потрудиме да задржиме дистанца помеѓу гледачите и се разбира средства за дезинфекција на раце ќе има насекаде“, вели  Илиевска-Силјановска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира