ВО МАЈ ЌЕ ЈА ОТВОРИМЕ ЗООЛОШКАТА, ДНЕВНО ЌЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗАТ ОД 500 ДО 1.000 ПОСЕТИТЕЛИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГАЛЕТАНОВСКИ

    ВО МАЈ ЌЕ ЈА ОТВОРИМЕ ЗООЛОШКАТА, ДНЕВНО ЌЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗАТ ОД 500 ДО 1.000 ПОСЕТИТЕЛИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГАЛЕТАНОВСКИНа животните им фалат децата и чудна им е тишината и празната градина. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од 500 до 1.000 посетители дневно ќе може да влезат во скопската Зоолошка градина, откако таа ќе биде отворена. Раководството вели дека градината постепено се подготвува за повторно отворање и очекува дека, според препораките на Владата, тоа ќе се случи кон средината на мај. Освен што ќе биде ограничен бројот на лица, билетите ќе може да се купат само електронски, за да не се создаваат гужви пред билетарницата.

    „Ги следиме искуствата од другите зоолошки градини низ Европа, кои исто така поради пандемијата на КОВИД-19 беа затворени. Зоолошката во Љубљана пред неколку дена беше отврена за посетители, исто и градините во Германија. Согласно препораките на Владата и олабавување на мерките, и скопската градина ќе почне да прима посетители, но многу помалку за разлика од порано. Дневно ќе може да ја посетат од 500 до 1.000 граѓани, што е соодветна бројка да нема гужви, со оглед на тоа дека станува збор за простор од 30.000 метри квадратни. Сите посетители задолжително ќе мора да носат заштитни маски. Вработените веќе работат со заштитна опрема маски и ракавици“, вели директорот на скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски.

    Веднаш штом градината почне со работа ќе биде отворено новото живеалиште на фламингата, кои пред десетина дена се стигнати во Скопје и се во карантин за да се привикнат на новата средина. Во градината во моментов се гради живеалиштето за пингвините, кои штом се отворат границите ќе стигнат од Лондон. Градината ќе добие и алпаки, а летово треба да биде отворен и Дино паркот.

    Зоолошката градина во Скопје не работи месец и половина. Како што ни кажаа зоо негувателите, на животните им фалат децата и чудна им е тишината и празната градина.

    „Слоновите се научени на многу луѓе и периодов им е чудно. На нив се трудиме да им посветиме најголемо внимание, а колегите кои работат како нивни чувари често остануваат и по работното време за да се дружат со Дуња и Даела. Морските лавови Кан и Гете исто така се чудат каде се луѓето што редовно им се восхитуваат при нивните тренинзи, но за среќа, тука се патките кои сега се редовна публика кога Гете и Кан се хранат. Дел од животните, како мајмуните и жирафите, се збунети од целата тишина“, велат зоо негувателите во градината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира