ИСТРАГАТА НА ЧУЛЕВ УТВРДИ ДЕКА МИЦКОСКИ БИЛ ВО ТЕРЕТАНА НА 20 ОКТОМВРИ 2019, СЛАВЈАНКА УШТЕ УТВРДУВА

    ИСТРАГАТА НА ЧУЛЕВ УТВРДИ ДЕКА МИЦКОСКИ БИЛ ВО ТЕРЕТАНА НА 20 ОКТОМВРИ 2019, СЛАВЈАНКА УШТЕ УТВРДУВАВидеото со Мицкоски во теретана од безбедносна камера се рашири на Твитер пред три дена, со обвинувања од корисниците на социјалната мрежа дека лидерот на опозицијата ги прекршува мерките за заштита од коронавирус. (Фото: Твитер)

    Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека по допрен глас била отворена истрага во врска со видеото на кое во теретана се гледа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во придружба на обезбедување и било утврдено дека настанот се случил на 20 октомври 2019 година. Видеото со Мицкоски во теретана од безбедносна камера се рашири на Твитер пред три дена, со обвинувања од корисниците на социјалната мрежа дека лидерот на опозицијата ги прекршува мерките за заштита од коронавирус.

    Како што соопшти Чулев на Фејсбук, станува збор за стара снимка, бидејќи една од вработените во теретаната посочила дека снимката е од 20.10.2019, кога последен пат ги видела Мицкоски и обезбедувањето во теретаната. Друга вработена во теретаната изјавила дека на снимката се гледа шкаф без врата, а врата на тој шкаф била поставена во ноември 2019. Неколку вработени во теретаната, вели Чулев, кажале дека на снимката и нема известувањата дека објектот не работи, што значи дека е стара снимка.

    „Врз основа на преземените мерки, Одделот за внатрешна контрола смета дека наводите изнесени на социјалните мрежи во врска со постираниот видео запис се неосновани, односно нема прекршување на одлуката за ограничување на движењето од страна на конкретните лица“, вели Чулев.

    За разлика од Чулев, дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска вели дека МВР сè уште нема утврдено од кога потекнува снимката и затоа никој, па ни Чулев не може да тврди дека истрагата е завршена.

    „Случајот со Мицковски и теретаната нема да се затвори затоа што некој има наредба по секоја цена да ги заштити Мицковски и Бисовски. Бидејќи МВР сè уште нема утврдено на кој датум е направена снимката, истрагата за потенцијално неодговорното и несовесно однесување на лица кои во време на пандемија ги кршат мерките сеуште не е завршена. Кривично дело е и прикривање на кривично дело“, напиша Петровска на Фејсбук.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира