Франција ќе почне со „прогресивно и контролирано“ излегување од строгиот карантин од 11 мај, иако во Германија е забележан пораст на бројот на нови случаи на коронавирус откако рестрикциите се олеснети.
Премиерот Едуард Филип изјави дека 62.000 животи биле спасени со одлуката земјата да се стави во карантин на шест недели, но сега е време за олеснување на мерките за да се избегне колапс на економијата.
„Ќе мора да научиме да живееме со КОВИД-19 и како да се заштитиме од него. Ако има мало невнимание, епидемијата повторно ќе се активира, а целата држава ќе потоне“, изјави Филип во парламентот.
Во Франција досега има 23.000 починати од КОВИД-19.
Децата ќе можат да се вратат во градинките и основните училишта од 11 мај, но на доброволна основа. Маските ќе бидат задолжителни во јавниот превоз, а и повеќето продавници повторно ќе се отворат на 11 мај, но не и рестораните и кафулињата. Сите спортски натпревари, дури и без публика, се забранети до септември, со што заврши сезоната во сите спортови.