Околу 145 супстанци се тестираат додека фармацевтските компании се обидуваат да развијат лекови за КОВИД-19, се вели во извештајот на Меѓународната федерација на фармацевтски производители и асоцијации (ИФПМА) со седиште во Женева.
„Меѓу потенцијалните третмани 77 се лекови развиени за лекување други болести, а 68 се новоразвиени“, изјави претседателот на ИФПМА, Томас Куени.
Според него, 25 компании веќе имаат почнато со клинички тестирања, додавајќи дека тие соработуваат и разменуваат податоци меѓу себе за да се забрзаат истражувањето и развојот.
„Индустријата, во која што инаку владее жестока конкуренција, сега работи здружено“, кажа Куени.
Компаниите работат на различни пристапи на борба против коронавирусот, кој досега уби повеќе од 230.000 луѓе низ цел свет. Додека „Фицер“ работи на тоа да го спречи размножувањето на вирусот, „ЦСЛ Беринг“ и „Такеда“ заеднички развиваат имунолошка терапија, комбинирајќи антитела од голем број излекувани пациенти. Други компании испробуваат методи на лекување со веќе постоечки лекови.