Монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје e поставена за само 14 дена, иако рокот за изведба беше 21 ден. Таа сега ќе се користи како КОВИД центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника каде што ќе се прави тријажа на пациентите кои потоа ќе се распределуваат каде што треба, велат од Министерството за здравство.
Шаторите до Инфективната клиника, кои ги постави АРМ за полска болница, се привремено решение.
Од велешката компанија „Брако“, која ја изгради монтажната болница, велат дека сакале да покажат дека и ние можеме во рекордно време да изградиме КОВИД центар како во другите технолошки напредни земји.
Во Вухан, епицентарот на пандемијата на коронавирус, кинеските власти изградија монтажна болница за 10 дена, а потоа такви болници изградија и други земји погодени од пандемијата.
„Иако имавме рок за изведба од 21 ден, предизвик ни беше да го изградиме КОВИД центарот во рекордно време. Со добра организација, водени од желбата да го ставиме во функција објектот што побрзо за да може да се зајакне здравствениот систем согласно потребите – го произведовме и монтиравме со ‘клуч на рака’ за 14 дена. Кога останатите технолошки напредни земји покажаа дека во вонредна состојба може индустријата брзо да реагира, сакавме да покажеме дека и ние можеме. Брзото производство и изведба е благодарение на посветениот тим во ‘Брако’ – инженерите и работниците, како и високософистицираната технологија која ја користевме при изработката“, вели Александар Наумов, директор на одделот за метални конструкции, задолжен за изработка на проектот.
Менаџментот на „Брако“, како што кажа Наумов, се откажа од заработката, воден од солидарност и вонредната состојба, а и поради самиот факт што болницата е донација.
За нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека со модуларната маневарска болница до Инфективната клиника во најкраток временски рок ги дуплирале капацитeтите на установата и овозможиле простории за болнички кревети, амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци.
„Целата оваа структура ја поврзавме со ‘топла врска’ со зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следува ќе ја доопремиме и со потребната немедицинска опрема. Ја амортизираме евентуалната оптеретеност на клиниката и даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита од коронавирус“, напиша Филипче на Фејсбук.
Монтажната болница ќе има капацитет од 72 легла. Воените шатори беа поставени за секој случај во периодот кога не се знаеше дали капацитетите на Инфективната клиника, инфективните одделенија по болниците низ државата и Градската општа болница „8 Септември ќе бидат доволни да ги примат сите заболени на кои ќе би им требало болничко лекување. Според последните податоци на Центарот за јавно здравје, на Инфективната клиника се хоспитализирани 39, а во ГОБ „8 Септември“ 23 заболени од КОВИД-19.
М. ИЛИОСКИ