Стапката на заболени од тестирани за коронавирус веќе две недели е под 10 отсто, а во изминатото деноноќие падна на 2 отсто, што е најниско ниво досега. Од вкупно 249 тестирања, регистрирани беа само 5 позитивни случаи.
Изминатите седум дена, исто така, е намален и бројот на тестови, за што од Министерството за здравство велат дека се должи на тоа што бројот на лица кои имаат индикации за тестирања значително опаѓа. Од Министерството за здравство додаваат дека се значително намалени и барањата за тестирање во приватните лаборатории.
„Продолжуваме активно да тестираме согласно индикациите на сите пунктови и во сите лаборатории, но и будно да ја следиме состојбата се до целосно спласнување на епидемијата“, велат од министерството.
Од појавата на коронавирус во земјава, досега се направени 17.246 тестови.
Дополнително, кривата на излекувани пациенти стрмно расте додека бројот на активни случаи има одличен пад, велат од Министерството за здравство. Досега се излечени 945 пациенти, починати се 84, а активни случаи се 482.