Навиката која ја имаат дел од велешките возачи, да паркираат по тротоарите во градот, ја продолжија и на Езеро Младост. Деновиве, таму може да се види дека делови од новоизградената пешачка патека, која е во должина од над 700 метри, се користат како паркинг за автомобили.
За ова реагираше и градоначалникот на Велес Аце Коцевски, кој на неговиот фејсбук профил апелираше полицијата да казнува.
„Секој ден, неодговорни возачи своите автомобили и мотори ги паркираат на новоизградената асфалтна пешачка патека покрај Езеро Младост. Со тоа ја загрозуваат безбедноста на пешаците, кои за да поминат мора да одат по коловозот. А ја оштетуваат и патеката, затоа што таа не е проектирана и изведена за да го издржи тешкиот товар од возилата. Апелирам возачите да ги почитуваат прописите, а полицијата да презема соодветни мерки“, рече Коцевски.
Во тек е реализација на проектот „Паметно Езеро Младост“ со кој се предвидени повеќе содржини, по што посетителите ќе можат да ги користат туристичките можности на локалитетот. Со проектот предвиден е и паркинг простор на влезот од Езерото за 23 возила. Проектот „Паметно Езеро Младост“ се реализира со грант од Светска банка од еден милион евра.
П. ПЕЧКОВ