Во селото Белчишта, центар на Општината Дебрца, штркови свија 20 гнезда. Појавата на овие грациозни птици ги израдува жителите на селото кои несебично им помагаат да опстанат.
„На територијата на селото има дваесет седела на штркови. Тие живеат во парови и се вистинска атракција за населбата, но и за луѓето кои овде доаѓаат од други места. Деновиве, имавме случај кога еден пар штркови не можеше да изгради седело на една бандера преку која одеа електрични кабли. Ги повикавме екипите на ЕВН и тие тргнаа некои од каблите за да можат птиците да си направат седело. Донесоа и посебно возило. Пред некој ден, забележав уште едно седело надвор од Белчишта, што значи дека нивниот број се зголемува на задоволство на жителите од Дебрца“, вели градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.
Во Дебрца,посебно во Белчишта, отсекогаш имало штркови, но годинава се чини дека се најбројни. Која е причината никој не може да каже. Сепак, има мислења дека појавата на коронавирусот и намалената фреквенција на луѓе и возила придонеле овие птици да ги има се повеќе.
Д. ЧУБРИЌ