КОГА ВЕЌЕ ВЛЕЗЕ ВО МОЈОТ КОМПЈУТЕР, ВИЛМА МОЖЕШЕ ДА СЕ ЗАИНТЕРЕСИРА И ЗА ИСТРАГАТА ПРОТИВ КАМЧЕВ, СВЕДОЧИ ЈАНЕВА

    КОГА ВЕЌЕ ВЛЕЗЕ ВО МОЈОТ КОМПЈУТЕР, ВИЛМА МОЖЕШЕ ДА СЕ ЗАИНТЕРЕСИРА И ЗА ИСТРАГАТА ПРОТИВ КАМЧЕВ, СВЕДОЧИ ЈАНЕВАЗа обвинувањата дека дала позитивно мислење за патната исправа на Камчев, Јанева рече дека претходно им дала времен пасош на обвинетите Илија Димовски, Елизабета Канческа Милевска, Едмонд Темелко... - Катица Јанева; Вилма Русковска (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на своето прво сведочење пред судот, обвинетата во „Рекет” Катица Јанева, зборуваше за тоа дека и кога барале построги, и полабави мерки за осомничениот во „Империја“ Орце Камчев и останатите, основниот и апелациониот суд ги носеле конечните одлуки, а не СЈО.

    За тоа покажа испринтани судски одлуки. Русковска ја обвини за злоупотреба на службената положба и овластувањата зашто за материјална корист, таа му ја олеснила положбата на Камчев во истрагата.

    Потоа Јанева почна да оди точка по точка од обвинението.
    „Како требаше да го поканам Камчев во СЈО, со сватови, со музика?”, беше коментарот на Јанева за обвинувањето на Русковска дека прекршила повеќе глави во Законот за кривична постапка во истрагата за „Империја”, меѓу кои и таа за поканување на осомничените.

    „Ај сега судија колешката нека престане да ни чита закон, ако не го научила досега, ние го знаеме тука законот”, реагираше Русковска.
    „Ако треба и ‘Волшебното самарче ќе го цитирам’ , ќе докажам дека не сум виновна за ова што е тука наведено”, ѝ одговори Јанева.

    Двете ги искара судијата Васка Николовска-Масевска, а приговорот на Русковска го отфрли.

    На прашање на нејзината адвокатка дали продолжила „Империја” со пуштање во куќен притвор на Камчев и другите осомничени, Јанева кажа дека обвинителката Лиле Стефанова практично и не си одела дома.

    Денот кога Врховниот суд ги запре истрагите во СЈО, сите специјални обвинители биле во шок.

    „Нам не ни даваат да работиме, сакаат да не затворат. Знаев уште веднаш. А сега ми е јасно зошто било тоа начелно правно мислење на Врховниот суд. Ниеден од тие предмети не мрднал од мртва точка, ниеден. СЈО го затворија, а јас, еве сум во суд. Но, ќе издржам, сум издржала и многу потешки работи во животот. А имам и од кого поддршка да добијам”, кажа Јанева која се гледаше во очи додека зборува со син ѝ Лазар Јанев.

    За сите 4 гаранции за пуштање од притвор во јануари, февруари и март, Јанева тврди дека дала негативно мислење.

    „Врховниот суд ги ослободи и од куќен притвор сите од ‘Империја’. И до ден денешен никој не одговара за тоа. 18 од 19 судии гласаа дека ние повеќе не сме надлежни за нашите истраги”, држи говор Јанева во Кривичниот суд како одбрана.

    Таа откри и друг детал.

    „Зошто Обвинителството за организиран криминал влезе во мојата канцеларија? Да ги види компјутерите? Ги имам најубавите и најмодерните компјутери. Нема такви во друго обвинителство. Ама, ништо не извади од него. Можеше барем да се заинтересира за ‘Империја’, да види дека не сум го привилегирала Камчев. Сите наредби за вештачење ги повлече. И што правиме сега? Нема доказиии!” , рече Катица полунасмевната.

    За обвинувањата дека дала позитивно мислење за патната исправа на Камчев рече дека претходно им дала времен пасош на обвинетите Илија Димовски, Елизабета Канческа Милевска, Едмонд Темелко.., се лекувале, биле на службен пат и се вратиле.

    „Така и на Цветан Панделески кој ми покажа рана на главата од рак, па и на Камчев за службено патување. Се вратија и двајцата. Секогаш сме им излегувале на осомничени во пресрет, луѓе сме, луѓе се и тие. Ееееј, за мислење јас сум 9 месеци во притвор, за мислење. А за осудениот на 3 години затвор Зоран Милевски, истава обвинителка даде мислење да се пушти од притвор и таа не одговара за тоа”, зборува Јанева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира