ОПШТИНА ЦЕНТАР ПО ВТОР ПАТ ГО ЗАТВОРИ ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“, ИНВЕСТИТОРОТ ПАК ПОЧНА ДА ГРАДИ БЕЗ ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ПО ВТОР ПАТ ГО ЗАТВОРИ ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“, ИНВЕСТИТОРОТ ПАК ПОЧНА ДА ГРАДИ БЕЗ ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛАЦела недела на градилиштето се носеа градежни матријали за продолжување на градбата. Работниците ни рекоа дека продолжуваат да градат и до крајот на годинава објектот ќе биде готов.(Фото: СДК.МК)

    Општина Центар по втор пат донесе решение за затворање на градилиштето на зградата на поранешно „Беко“. Исто решение за престанок со градба и враќање во првобитна состојба беше издадено од Општината и лани во јуни бидејќи инвеститорот без градежна дозвола градеше и на објектот беше поставена плоча.

    Цела недела на градилиштето се носеа градежни материјали за продолжување на градбата. Работниците ни рекоа дека продолжуваат да градат и до крајот на годинава објектот ќе биде готов.

    Од Општина Центар велат дека инвеститорот не смее да гради бидејќи на сила е мораториумот односно додека не се донесе новиот план за овој дел, не може да му се издаде градежна дозвола.

    „Колкава висина ќе добие инвеститорот на објектот ќе се знае откако ќе биде изработен новиот Детален урбанистички план за овој дел. Не смеат да градат бидејќи од минатото раководство добиле дозвола само за надградба. Но, тие го урнале цел објект и сега градат од почеток. За тоа е потребно да се даде нова градежна дозвола врз основа на приложениот проект за градба“, велат од Општина Центар.

    Стоковната куќа „Беко“ е изградена 1972 година. Во 1998 ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локален бизнисмен.

    Авторката на проектот на старата стоковна куќа „Беко“ 90-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, лани во април за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.

    „Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи.“, рече Несторова-Томиќ.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира