Мажи, жени, девојки и момчиња, како и стари лица од целата држава, во првиот месец додека биле затворени дома поради коронавирусот, поднеле дури 310 поплаки против членови на нивното семејство. Битолчани највеќе се пожалиле од блиски роднини.
Статистиката е за периодот од 12 март до 12 април. Истиот период лани имало 235 поплаки од граѓани против блиски членови од најтесното семејство.
Најголем број од поплаките се регистрирани на подрачје на СВР Битола – 66, потоа на СВР Штип – 51 и СВР Велес – 51. Според евиденцијата во МВР, сепак во Скопје се бележи најдрастичното зголемување на вознемиреност на граѓани дома во кругот на семејството, иако Битола бележи најголем број вакви пријави. Во Скопје има зголемување на поплаките за 84,6% во однос на лани, но не е достигната бројката на Битола.
Овие поплаки државата ги евидентира и за нив ги известува центрите за социјална работа и првиот пат најчесто завршуваат со опомени од страна на МВР на пријавените.
За две недели во Скопје се забележани две тешки семејни насилства кои завршија со убиства од мажи на своите сопруги. Двајцата убијци се во притвор и само истрагата знае дали претходно жртвите се поплакале во полиција од нив, пријавиле ли семејно насилство или цело време молчеле.
Пред три дена сега притворениот скопјанец Ф. Р. (27) во својот дом на ул.„Перо Наков“ физички ја нападнал 30-годишната М.К.(30). Ѝ нанел такви тешки повреди на главата од кои настанал трауматски шок, по што таа почина. Двајцата живееле заедно во неофицијализиран брак.
По бруталното тепање, убиецот пријавил во полиција дека на оштетената ѝ се слошило и од тоа паднала во бессознание. По извршената обдукција, Ф.Р. беше уапсен, а потоа и притворен. Чека судење за убиство при вршење семејно насилство.
Две недели пред тоа, во семејниот дом во скопско Арачиново, 39-годишник е осомничен дека при семејно насилство, со умисла ја лишил од живот неговата сопруга.
Откако брачната двојка со децата се вратиле од прошетка и влегле во нивната соба, почнале вербална расправија поради брачни недоразбирања. Во еден момент, осомничениот се упатил кон подрумските простории во куќата каде што неовластено држел пиштол. Го ставил во џебот од јакната и се вратил во собата каде што била сопругата. Двајцата сопружници продолжиле да се расправаат, а осомничениот го извадил пиштолот, го вперил кон оштетената со закана дека ќе ја убие. Ѝ пукал во тил, во задната страна на главата.
По настанот, осомничениот ја напуштил куќата. Ранетата сопруга давала знаци на живот и двајца сведоци ја пренеле во болница, но по приемот починала. Набргу убиецот беше најден со се пиштолот, уапсен и притворен.
За разлика од поплаките за време на вонредната состојба и карантинот, од блиски членови на семејството, кои им претходат на ваквите семејни насилства често и со смртни последици, бројот на пријавени случаи на семејно насилство, опаднал. На подрачјето на цела држава, од 12 март до 12 април биле регистрирани се 79 кривични дела сторени при семејно насилство, што претставува намалување за 28% во однос на претходниот период, кога беа регистрирани 109 кривични дела.
Во делот на прекршоците, регистрирани се 32 прекршоци за семејно насилство, што претставува намалување за 33% во однос на истиот период од претходната година. Најголемиот дел од нив, или 55%, регистрирани се на подрачјето на СВР Скопје, потоа во СВР Штип – 16,6% и СВР Куманово – 10,8%.
По второто убиство за само 2 недели на убиство на жени во (вон)брачна заедница, реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права, кој по донесувањето на првите мерки за заштита од вирусот КОВИД-19, посочи на ризикот од зголемување на семејното насилство во кризните услови со кои се соочуваме. Овие две убиства ги нарече фемициди, убиство на жена затоа што е жена, што претставува најтешка форма на насилство врз жената.
Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80% од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер. Оттука, имајќи предвид дека најчестиот вид на фемицид е како последица на семејно насилство, домот може да претставува место на страв и насилство за многу жени и деца, што значително доаѓа до израз во случаите на изолација за време на пандемијата.
„Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид“, реагираше Хелсиншкиот комитет за овој вид на убиство на жени по семејно насилство, за кој непрепознавањето на насилството врз жените/родово базираното насилство и семејното насилство, значително ја намалува довербата во надлежните институции. Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира институциите да ги спроведуваат обврските кои ги преземаа со ратификацијата на Истанбулската конвенција.
С. К. ДЕЛЕВСКА