Велешкото јавно обвинителство започна две предистражни постапки поради непостапување според здравствените прописи во време на епидемија. Од Обвинителството во Велес за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека се водат предистраги поради непреземање на мерки за заштита и ширење на КОВИД-19.
Првиот случај е за текстилна фабрика каде не биле преземени мерки за заштита на вработени, а вториот за свадба кога група сватови без маски и без да одржуваат растојание со музика се движеле низ градот.
Вработените во велешка текстилна фабрика се жалеа дека иако имале симптоми на КОВИД-19, не им било дозволено да отсуствуваат од работа сѐ додека не ги добијат резултатите од земениот брис. Од Државниот трудов инспекторат за безбедност на работа велат дека биле во посета на конфекцијата минатиот петок, за да ги проверат овие наводи, но наишле на затворени врати.
Обвинителство работи и на случајот со свадба која се случи минатиот петок во стариот дел на Велес, кога сватовите со музика одеа по невестата, без заштитни маски и во група од триесетина лица.
Доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, откако минатата недела се зголеми бројот на новозаболени во Велес, кажа дека случаите се резултат на непочитување на мерките за заштита.
П. ПЕЧКОВ